Сите ги сакаат шербетните слатки, бидејќи не само што се многу вкусни и сочни, туку и многу се лесни за правење. Претежно се густи и натопени во сируп (шербет), но има и такви кои се кремасти. Некои од најпознатите колачи се баклавата, алвата, тулумба, раванија.., пишува НМД.мк
Овој лесен колач се приготвува од само неколку состојки, а основни се гризот и густиот јогурт (како кисела павлака), а толку е лесен, што секому му успева. Сè што треба да направите е да ги измешате состојките, да ја излеете смесата во плех со средна величина и на крај да го прелиете со шербет.
Колачот потоа се остава да се олади, најдобро преку цела ноќ, а потоа можете да го послужите овој сочен десерт. Овие колачи се идеални да ги приготвувате за секој ден, но и за разни прослави и свечени пригоди.
Потребни состојки: 500 г гриз, 2 чаши густ јогурт или кисела павлака (погледни видео), 1 чаша шеќер, 1 кесичка прашок за печиво, 1 кесичка ванилин шеќер, несолени кикирики (излупени половинки). За сируп: 4 чаши шеќер, 4 чаши вода, 1 парче лимон
Постапката е многу брза и едноставна. Во еден длабок сад истурете ја целата количина на гриз (500 г), па додајте го густиот јогурт, шеќерот, прашокот за печиво и ванилиниот шеќер. Промешајте ја смесата со лажица. Ќе забележите дека за кратко време ќе стане хомогена и компактна.
Плех или огноотпорен сад намастете го со малку путер или масло, па излејте ја смесата. Внимателно со шпатулата рамномерно распоредете ја смесата, така да биде на сите страни со подеднаква висина, за да може рамномерно да се испече.
Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени, а за тоа време земете шпатула за торти, натопете ја во ладна вода, па со нежни движења измазнете ја површината. Потоа површински направете линии, колку да се обележат парчињата. Колачот се сече дури откако ќе се испече и ќе се залие со шербетот.
Но, доколку немате време, како мене, ставете го колачот веднаш да се пече во загреаната рерна, исто ќе излезе многу вкусен и сочен. Значи, печете го колачот во загреана рерна на 180 степени сè додека да добие убава румена боја, околу еден час.
Потоа пригответе го шербетот: во тенџере ставете го шеќерот и водата, па ставете на оган и мешајте додека да се растопи. Откако ќе зоврие сирупот, додајте еден круг од лимон, намалете ја температурата и варете уште 10-15 минути.
Извадете го печениот колач и почекајте 2-3 минути, па со помош на кутлача започнете да го прелевате со топлиот сируп, топол колач-топол сируп. Колачот исечете го на парчињата за да може сирупот да навлезе подеднакво на сите страни. Оставете го најпрво да излади на собна температура, а потоа ставете го во фрижидер, најмалку шест часа, а најдобро преку цела ноќ.