Чувствителните дојки не мора да бидат причина за некој сериозен проблем ниту причина за паника. Откријте кои се најчестите причини за чувствителност на ова подрачје од женското тело и како да ги ублажите непријатните симптоми:
1.КОГА СТЕ ВО ПМС
Најчестата причина за чувствителни дојки е предменструалниот синдром, односно, хормоналната промена во телото која е нормална со доаѓање на менструацијата. Промените во нивото на естроген во телото обично се манифестираат со зголемување и пречувствителност на дојките неколку дена претходно и првиот ден од менструацијата.
Оваа циклична болка секако треба да престане откако ќе заврши менструацијата, а може да се смири со консумирање на контрацепциски пилули (кои го одржуваат стабилно нивото на естроген). Уште подобро, можете да ставате облози од листови со зелка.
2.ПРЕТЕРУВАТЕ СО ВЕЖБАЊЕ
Сте запнале да го зајакнете горниот дел од торзото во теретана, па сте започнале со дигање тегови и класични склекови? Ако чувствувате болки во пределот на градниот кош, вас всушност не ве болат дојките. Ве болат пекторалните мускули.
Овој вид на болка треба да се третира како и сите останати проблеми со воспалени мускули: таблети против болка и топли облози.
3.НОСИТЕ ЛОШ ГРАДНИК (БРУСХАЛТЕР)
Долната облека со неодговарачка величина може да штети на здравјето на вашите гради. Ако градникот ви е претесен, а корпите премали, веројатно трпите големи болки во текот на денот, затоа што жицата непријатно ви се забодува во дојките и ги надразнува.
Ако пак имате преширок градник, би можело да имате слични проблеми.
Совет плус: Чувствителните дојки се вообичаена појава кај жените и обично трае неколку дена. Меѓутоа, ако ниедна од горенаведените причини не одговара на вашата специфична ситуација, а болката не престанува, најдобро е да посетите лекар. Не го заборавајте и самопрегледувањето како и редовната контрола на мамографија.