Веројатно вашите родители ве предупредувале да не ја голтате гумата за џвакање. Дали биле во право и дали тоа може да ви наштети?
До сега барем еднаш сигурно ви се случило да проголтате гума за џвакање. Ако не е намерно, тоа лесно може да ви се случи доколку истовремено пиете некој пијалак или кога ќе заборавите дека ја имате во уста. Во моментот на проголтување за миг сигурно се прашувате дали може нешто лошо да ви се случи…
Дали навистина се потребни 7 години за гумата за џвакање да помине низ вашиот дигестивен систем? Дали гумата за џвакање навистина може да се завитка околу срцето и желудникот?
-Не се плашете, бидејќи сите овие набројани опасности во суштина се само митови!
Вистина е дека: дел од гумата за џвакање се состои од смола, масти, емулгатори и восок кои не се сварливи состојки, меѓутоа човекот во текот на животот внесува доста несварливи работи, па сепак на крајот желудникот успева да се избори со нив.
Несварливите делови од гумата за џвакање едноставно ќе минат низ вашиот систем за варење на храна, се додека буквално да се исфрли заедно со екскрементот.
Меѓутоа, доколку во краток временски период проголтате неколку гуми за џвакање, можно е да се случат неколку проблеми, бидејќи системот за варење нема да биде во состојба толку брзо да ги апсорбира, па може да дојде до блокада на целиот систем за варење.
Тоа најчесто се случува кај децата, а во такви ситуации потребна е лекарка интервенција. За среќа, ова многу ретко се случува, па затоа кога следен пат ќе проголтате гума за џвакање, не се грижете, системот за дигестија ќе се погрижи за тоа.