Рецепт на Виолета од Летина Кујна. Рецепт кој ќе ве освои по првиот залак, чоколадна фантазија од рецепт. Преубава и превкусна торта која се подготвува за час. Нема поубава, а откога ќе ја пробате, нема да посакате да направите ниедна друга.
Толку е вкусна што веднаш се јаде, чиниите се празни за 1 минута, а сите бараат репете. Понекогаш ја правам во двојна доза. Секогаш ја подготвувам за родендени, прослави, но и кога ми се јаде нешто благо. Брзо се прави и многу едноставно.
Потребни состојки за кора: 6 јајца, 6 лажици кристал шеќер, 6 лажици масло, 6 лажици млака вода, 6 лажици млеко, 6 лажици брашно, 1 ќесичка прашок за печиво, 2 лажички какао. За сируп: 250 мл вода, 2 – 3 лажички шеќер. Потребни состојки за фил: 500 мл слатка павлака, 300 г чоколадо за готвење.
Постапка: За подготовка на кората, најпрво во длабок сад се матат јајцата со миксер. Потоа во изматените јајца се додава кристал шеќерот и маслото и се продолжува со матење. При крајот се додава млаката вода, а потоа млекото и просеано брашно.
При просејување на брашното додајте го прашокот за печиво и какаото. Со шпатула се соединуваат просеаните состојки додека да се изедначат состојките. Претходно загрејте ја рерната на 180 степени.
Добиената смеса се прелива во тепсија / тава со поставена хартија за печење и се остава да се пече 20 – 25 минути. Според формата на тавата во која се печела кората, ќе добиете таква форма и на тортата. Јас имам кружна тава во која постојано ја печам оваа торта.
Подготовка на сирупот: Во тенџере на рингла се става водата, а потоа додајте 2 – 3 лажички шеќер. Варете 7 – 8 минути со повремено мешање. Испечениот бисквит се остава малку да излади, а потоа со супена лажица се прелива со добиениот сируп.
Подготовка на филот: Во тенџере на рингла се става слатката павлака, а потоа додајте 300 г чоколадо за готвење, скршено на коцки. Со постојано мешање, мешајте додека чоколадото да се растопи во слатката павлака.
Топлото растопено чоколадо се прелива преку претходно испечената кора која е потребно се уште да биде во подлабок сад, во тавата каде што се печела. Се става во фрижидер да излади најмалку 3 часа додека филот да се стврдне.
По ладењето, тортата може да се послужи со свежи цреши. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска