Совршен чоколаден колач без брашно, сите состојки се дозираат со чаша. Многу е кремаст и сочен, а излегува доста голем, повеќеслоен. Се подготвува многу лесно и едноставно, само се мешаат состојките и се мачка.
Одозгора по желба се прави прелив кој исто така е многу вкусен и му дава богат вкус на колачот. Може да го подготвуваат и понеискусните домаќинки во кујната, а буквално му нема рамен, многу е вкусен.
Одлично се комбинира со кафе, а се подготвува без брашно што значи е одличен за оние кои избегнуваат глутен. Состојките се со мерка за чаша така што 237 мл одговара на 1 чаша, 15 мл на 1 супена лажица, а 5 мл на 1 кафена лажица.
Потребни состојки за кора: 90 г темно чоколадо, 60 г несолен путер, 20 г слатка павлака за готвење (како хопла), 5 жолчки, 15 г шеќер (1 супена лажица и 1/2 кафена), 5 мл ванила екстракт (1 кафена лажичка), прстофат сол, 12 г какао (2 супени лажици), 5 белки, 70 г шеќер.
За крем: 165 г темно чоколадо, 80 г слатка павлака (како хопла), 1 лажичка несолен путер (3 г), 1 лажичка какао (6 г) + 300 г слатка павлака. Сируп за премачкување на кората: 50 г вода, 35 г шеќер или топло млеко.
За прелив: 2 супени лажици вода, 30 г шеќер, половина лажичка желатин во прав со 1 супена лажица топла вода, кондензирано млеко (2 супени лажици), 50 г растопено темно чоколадо.
Подготовка на кора: Во сад ставете го темното чоколадо, додајте го путерот и слатката павлака. Садот се става на пареа и со маталка се меша додека да се стопи путерот и чоколадото, а потоа се трга на страна.
Во друг сад се ставаат жолчките, 1, 5 супена лажица шеќер и екстрактот од ванила. Се мати со миксер до соединување како густ крем. Во разматениот крем се додава какаото, сол и повторно се меша со рачна маталка до соединување.
Во оваа смеса се додава претходно направената смеса со топло чоколадо и се соединуваат двете смеси. Во трет сад се ставаат 5 белки и се матат со миксер. Кога ќе се формира шлагеста форма, се додава постепено шеќерот додека постојано се мати со миксерот.
Кога ќе добиете смеса слична на шлаг, оваа смеса се префрла во садот со другите две смеси. Потребно е да се додава постепено и постојано да се меша со маталка. Добиената смеса се става на плех со димензии 30×40 на кој веќе сте поставиле малку намастена хартија за печење.
Смесата е потребно убаво да се распореди по целата должина на тавата. Рерната претходно се загрева на 185 C, а се пече на 175 C, 11 – 13 минути. Подготовка на кремот: Во сад се става 80 г слатка густа павлака и 1 лажичка какао.
Смесата се меша, а во посебен сад додајте го темното чоколадо и мала лажичка путер. Одозгора се прелива со смесата од густа павлака и какао. Садот се става на пареа додека се соединат состојките и се добие чоколаден крем.
Во овој чоколаден крем се додава изматена слатка павлака во форма на шлаг. Изматената павлака се додава постепено и се меша со рачна маталка. Кремот е подготвен кога ќе се искористи целата количина на слатка павлака и добро ќе се соедини со чоколадниот крем.
Добиениот чоколаден крем може да се стави во ќеса која ќе ја пресечете на врвот за филување или едноставно директно да ги премачкувате корите со неа. Откога кората на колачот ќе се испече, се превртува тавата и кората се вади со се хартијата за печење.
Се пресекуваат краевите на кората околу 1 цм од секоја страна, а потоа кората се сече на половина, а потоа вертикално се сече уште 2 пати за да се добијат 6 правоаголни кори.
Секоја кора се премачкува со течност од вода и шеќер или млако млеко. Врз секоја кора се нанесува од филот и добро се израмнува, а потоа корите се редат една врз друга. Потребно е филот да се нанесе во дебел слој околу 8 мм.
Врз последната кора се нанесува преостанатиот фил и се премачкува на површината и по страните и убаво се израмнува од двете страни. Колачот се остава да отстои во фрижидер 1 – 2 часа за добро да се стврдне.
По изминатото време, се подготвува преливот. Во сад на рингла се става водата и шеќерот и се остава малку да проврие, а потоа се трга од рингла и се додава смесата со желатин. Убаво се соединува и се додава 47 – 50 г темно чоколадо.
Преливот се процедува низ цедалка и се прелива директно врз стврднатиот изладен колач. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска