Секоја домаќинка сака да ги прави, особено за децата кои најмногу ги сакаат за појадок. Тоа е вистинско мезе кое е готово речиси за 10 минути, а може да се приготвуваат и за вечера или кога ви доаѓаат гости. Ако ги приготвувате со јогурт, тогаш излегуваат многу меки, а со млеко стануваат крцкави.
Се добиваат многу, наредете ги во чинии заедно со различни намази, сирење, кашкавал, па изненадете ги гостите со малку поинаква вечера.
Пишиите или некои ги нарекуваат уштипци (едните се прават од кора, а вториве се црпат со лажица), мекици (се формираат со раце) и слично, многу лесно се приготвуваат и на сите им успеваат, па дури и на оние кои за првпат влегуваат во кујна.
I РЕЦЕПТ: Додека да трепнете – готови се.
Потребни состојки: 1 јајце, 200 г брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво, сол, околу 150 мл јогурт и масло за пржење.
Постапка: изматете го јајцето со јогуртот, посолете и додајте брашно и прашок за печиво. Добиената смеса треба да изгледа како на фотографијата, ниту премногу течна, ни прегуста, да може да се црпи со лажица.
Маслото загрејте го и веднаш намалете ја температурата за да не поцрнуваат пребрзо уштипците. Во тој случај внатре ќе останат недопечени, а однадвор ќе добијат кафеава боја. Значи, печете ги на умерен оган додека да заруменат од сите страни.
Од тестото црпете со кафена лажичка која секојпат претходно треба да ја натопите во топлото масло во кое ги пржите уштипците. Послужете ги топли или ладни со сирење, ајвар, јогурт… а може да ги наросите и со шеќер во прав и да ги послужите со џем или лешников крем.
Овие уштипци се навистина многу меки како памук, затоа што се приготвени со јогурт. Доколку ги сакате да бидат крцкави, тогаш пригответе ги со млеко наместо јогурт / Coolinarika.com
II РЕЦЕПТ: Уштипци ем брзи ем меки како памук
Потребни состојки: 20 супени лажици брашно, 3 јајца, 200 мл јогурт, 1 прашок за печиво, 1 прстофат сол, 1 прстофат шеќер
Постапка: од сите состојки направете смеса. Во еден сад загрејте масло и со лажица вадете од смесата па ставајте во загреаното масло и пржете 5 минути. Пржените пишии редете ги врз хартиена салветка за да го впијат вишокот маснотии.
III РЕЦЕПТ: Брзи мини уштипци кои не впиваат масло – одлични за појадок или вечера / Фотографија и рецепт на Маја Остојиќ – брзи мини уштипци.
Ова е тесто со јогурт и прашок за печиво, па затоа е добро бидејќи не впива масло при пржењето, а не е ни пресилно. Оваа количина е сосем доволна за двајца убаво да се најадат. Може да се комбинираат во солена или слатка варијанта.
Потребни состојки: 1 големо јајце, 1 чаша (од 200 мл) јогурт, 2 чаши брашно, ½ кесичка прашок за печиво, ½ лажичка сол, масло за пржење
Постапка: во подлабок сад со миксер изматете едно јајце, па додајте една чаша јогурт, а потоа со постојано матење постепено додавајте две чаши брашно помешани со половина кесичка прашок за печиво и половина лажичка сол.
Во помало тенџере од еден литар (или сличен волумен) ставете масло да има 1 см висина, па загрејте го. Откако ќе се загрее намалете ја температурата на умерено. Со мала лажичка вадете ги уштипците, но претходно натопувајте ја во загреаното масло, па пржете ги.
По потреба вртете ги за да се испржат од сите страни, иако тие и самите се превртуваат. Пржените вадете ги во чинија за послужување и послужете ги со сирење, ајвар… но може да ги послужите и во слатка варијанта со џем, крем, течно чоколадо, шеќер во прав. / Фотографија и рецепт на Маја Остојиќ