Ќе се уверите дека фарбањето на велигденските јајца на овој начин е фантазија, лесно, брзо, преубаво. Боите може да бидат пастелни, нежни, а може да бидат и поинтензивни. Кој како сака, така може да си ги направи. Јас сакам да ги има и едните и другите, иако можеби овие нежните ми се подраги.
Купете прашкаст сок од јагода или рум пунч, малина…, од портокал и ако успеете да пронајдете уште некоја друга боја, како на пример степ сок од лимета, би било одлично. Една кесичка од 10 грама е доволна за 10 јајца.
Јајцата измијте ги убаво измијте ги и со влажен сунѓер отстранете го печатот доколку го има. Ставете ги чистите јајца во тенџере и налијте вода колку да бидат јајцата прекриени целосно одозгора. Додајте половина лажичка сол во водата и ставете го тенџерето на оган.
Варете ги јајцата десет минути. Тргнете го тенџерето од рингла и веднаш во врелата вода додајте степ сокче со боја каква што сакате. Ништо не треба да мешате, сокот сам ќе се растопи подеднакво. Вака оставете ги во обоената течност – сок да отстојат 15 минути.
Доколку сакате понежна розова боја, јајцата оставете ги пократко во сокот (потребно е бело јајце). Едноставно извадете го јајцето внимателно со лажица, па доколку ви се допаѓа бојата – извадете го, а доколку сакате поинтензивна боја, вратете го да се обои уште малку во сокот.
После 15 минути излејте ја течноста, а јајцата оставете ги на работна површина да се исушат, неколку минути. За да добиете мат боја, јајцата оставете ги такви какви што се или пак премачкајате ги со малку масло за да добијат убав сјај.
Што се однесува до жолтите јајца кои се добиваат од степ сокчето со вкус на портокал, јајцата е најдобро претходно да ги избелите во раствор од оцет и вода, доколку имате купено само жолти јајца (во водата додајте 50 мл ал-кохолна киселина 9%).
По потреба тргајте ја пената од жолтите јајца. Ако имате бели јајца, тогаш отстранете го само печатот, а постапката е иста. Избелените јајца после 10-тина минути потребно е да ги ставите под млаз ладна вода и со помош на сунѓер убаво да ги истриете со сунѓер за да излезе пената и остатоците од жолтата лушпа.
Во тенџерето повторно налејте топла вода и додајте го степ сокот од портокал. Вратете ги избелените јајца и оставете ги да отстојат. Не ги мешајте, затоа што од лажицата при допир ќе добијат шари. Целата постапка погледнете ја ОВДЕ. Постапката за избелување јајца погледнете ја ОВДЕ.
Правила за купување и приготвување на јајцата за Велигден: Колку време се варат и колкав им е рокот
Купувајте чисти и неоштетени јајца, задолжително пред варењето измијте ги со млака вода, ставете сода бикарбона…
Наскоро ни доаѓа најголемиот христијански празник Велигден, а два дена претходно ќе уживаме во омилениот обичај – фарбање на јајцата. Покрај естетиката, важно е и да водиме сметка за здравјето.
Бидејќи велигденските јајца главно, долго време стојат, прво чекајќи од петокот до неделата, а потоа стојат на трпезните маси додека не се изедат (барем уште 2-3 дена), ви пренесуваме неколку важни совети околу купувањето:
Купувајте чисти и неоштетени јајца; При варењето, најдобро е да ги варите 12 минути од моментот на зовривање на водата, а во водата ставете една лажичка сода бикарбона;
Ако не ги фарбате јајцата природно, односно користите купечки бои, кога купувате кесички во боја одбирајте ги оние на кои имаат ознака дека се прехрамбени бои; Сировите јајца се потенцијален извор на салмонела, па се советува пред варењето и украсувањето да ги измиете со млака вода;
Офарбајте онолку јајца колку што сте сигурни дека ќе изедете. Во спротивно, ако направите повеќе јајца од потребното, ќе бидете принудени да ги фрлите;
Јајцата кои се офарбани, неизлупени и без оштетена лушпа, а стоеле на собна температура (или неколку пати сте ги ваделе од фрижидер), би требало да ги изедете за ден-два после Велигден.