Што претставува кофеинот?

Kофеинот е најчесто користената психоактивна супстанца во светот. Го има во разни видови на храна почнувајќи од кафето и чајот, па се до чоколадите и колата. Се синтетизира по природен пат – досега е откриен во листовите, семињата и плодовите на повеќе од 60 растенија.

Производи кои содржат кофеин

Тој се наоѓа во широка палета на прехрамбени производи и во некои лекови. Го има во кафето, чајот, колата, чоколадата, понатаму во некои овошја и семки. Како адитив се користи во некои лекови против болки, како намалувач на апетитот и во некои лекови кои ги ублажуваат симптомите на настинка. Кофеинот нема вкус.

Апсорпција и дистрибуција

Во телото се апсорбира и разнесува мошне брзо затоа што е растворлив во вода. Тоа значи дека преку крвотокот може да стигне до секоја клетка, па ако па ако редовно внесувате кофеин, веројатно има одредена количина од оваа супстанција во сите клетки на вашиот организам во секое време. Токму затоа што лесно поминува низ клеточните мембрани потешко е вашиот организам целосно да го исчисти од клетките. Упростено кажано кофеинот од шолјата кафе која моментално ја пиете ќе остане во организмот неколку дена.

Хемиски состав и дејство

Хемиски кофеинот има сличен состав како аденозинот, а основниот механизам на неговото дејство е спротивен на аденозинот. Аденозинот има многу важни функции во телото, една од кои е да дејствува супресивно врз нервната активност. Како антагонист на аденозинот кафеинот дејствува стимулаторно врз излачувањето на невротрансмитерите и ја стимулира нервната активност.

Несакани ефекти

Кофеинот се користи како стимуланс, но како и при консумацијата на секој друг лек и при консумацијата на кoфеин постои ризик од настанување на несaкни ефекти. Умереното консумирање на кофеин, на пример пиење до 3 мали шолји кафе во денот има стимулирачки ефект и не се смета за штетно, додека прекумерниот внес на кофеин предизвикува различни симптоми како на пример:

Забрзување на срцевата фреквенција

Повраќање

Гадење

Прекумерно мокрење

Анксиозност, немир

Депресија

Тремор, тресење

Проблеми со спиењето

Кофеинот има диуретично дејство, па неговото прекумерно консумирање може да води кон дехидратација, особено ако при тоа не внесуваме доволно течности. Токму заради опасноста од прекумерното губење на течност од организмот треба да водиме сметка за ова особено кога имаме зголемена физичка активност или при жешко време.

Намалување на внесувањето на кофеин

Кофеинот создава зависност, па кај луѓето кои често го користат може да се јават апстиненцијални симптоми доколку нагло престанат со негова консумација. Такви се:

Главоболка

Намалена концентрација

Раздразливост

Гадење

Повраќање

Заради тоа се препорачува откажувањето од кофеинот да оди постепено.

Дејство на долгорочен план

Умерениот внес на кофеин не се смета за штетен на долгорочен план. Прекумерниот внес пак, на долгорочен план може да влијае врз зголемување на вредностите на крвниот притисок, може да води кон појава на хронична несоница и е еден од факторите на ризик за настанување на фиброцистична болест на градите.

Автор: Д-р Бојан Шешовски

Овој текст е авторски и не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на НМД