Рецепт на Сара од Мои Домашни Рецепти Брза излеана погача со компир и зденка без месење.
Подгответе ја оваа превкусна домашна погача со варен компир и зденка, мириса неверојатно, а толку е мека што со памук се споредува. Компирот дава преубав шмек, а зденката кога ќе се растопи ќе ја искусите највкусната погача на свет. Се приготвува многу лесно и брзо, а излегуваат и многу парчиња.
Намирниците потребни за оваа погача се секојдневни намирници кои речиси секогаш ги имаме во кујната, па така, доколку се мислите што да подготвите за појадок, ручек или вечера, оваа погача е идеалното решение. Не можам да ви го доловам нејзиниот вкус, а ќе искусите и вие сами.
Одговара за сите оброци во денот, но и за сите пригоди. Па така, слободно подгответе ја за ненајавени гости, прослави, родендени, а одлична закуска е и додека го гледате омилениот филм. Тестото е многу меко и со сигурност ве уверуваме дека не може да го промашите рецептот, бидејќи е многу едноставен за подготовка.
Потребни состојки: 3 јајца, 400 г кисело млеко, 100 мл масло, 1 кафена лажичка сол, 300 г просеано брашно, 12 г прашок за печиво (една ќесичка), 2 варени компири, 140 г зденка (околу 8 зденки).
Подготовка: Во длабок сад се ставаат трите јајца и малку се разматуваат со жица. Потоа се додава киселото млеко, маслото и малку сол. Повторно се промешува смесата додека да се соединат сите состојки.
Кога смесата ќе стане мазна и целосно измешана, се додава просеаното брашно и прашокот за печиво. Се меша смесата додека стане хомогена и да ги снема грутките. Во меѓувреме излупете 2 компири, исечете ги на не толку ситни делови и ставете ги да се варат во солена вода. Кога ќе омекнат компирите, процедете ја водата и додадете ги во смесата која претходно ја подготвивте.
Повторно измешајте со жицата, но овојпат измешајте нежно за да не се направи пире. Потребно е од компирите да останат цели парчиња, исто како што ги исечкавте. Во тава (20×20 цм) намастете ја со малку растопен путер на дното и по страните, а потоа додадете ја претходно подготвената смеса.
Смесата еднакво распоредете ја во тавата, а потоа наредете ги зденките на површината. Зденките при печењето малку ќе потонат во смесата, но на местото каде што сте ги поставиле ќе се направат совршено сочни вдлабнатини од растопена зденка.
Во претходно загреана рерна на 200 степени, печете ја погачата околу 25 минути додека да добие румена боја на кората. Внатрешноста на погачата проверете ја со чепкалка за да видите дали е испечена одвнатре.
По печењето оставете ја погачата да се олади на собна температура. Потоа пресечете ја на коцки или правоаголници по ваша желба и послужете. Доколку немате зденка, одлично ќе послужи и кое било сирење. Одлично одговара со јогурт. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.