Бели рафаело чупавци: Рецепт за малку поинаква и уште подобра верзија на вашиот омилен колач

I РЕЦЕПТ – Некои нови „чупавци“… обвиткани со бело чоколадо и листчиња од бадеми. Можат да бидат достојна замена за торта кога би се наредиле едно до друго, а секое да биде основа за една роденденска свеќичка.

Потребни состојки: 3 јајца, 50 г шеќер, 100 мл масло, 100 мл млеко, 150 г пченично остро брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво, 1 кесичка ванилин шеќер. За прелив: 200 мл млеко, 200 г бело чоколадо, 150 г путер, 2 лажици пина колада (или некој друг ликер од кокос), 120 г кокосово брашно, 100 г бадеми во листови.

Постапка: Жолчките и шеќерот пенасто изматете ги со миксер додека шеќерот да се растопи, а смесата да згусне и побели. Потоа постепено додадете ги маслото и млекото. Промешајте за да се изедначи смесата. потоа додадете просеано брашно, прашок за печиво и ванилин шеќер.

Промешајте со лажица или шпатула додека да се соединат состојките во хомогена смеса. На страна пенасто изматете ги белките додека да добиете цврст снег. Постепено, лажица по лажица вмешајте го снегот од белки во претходно изматената смеса.

Внимавајте смесата да остане пенлива и воздушеста, а потоа, кога ќе ја изедначите, излејте ја и рамномерно распоредете ја во претходно намастен и набрашнет плех со средна величина или помал. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути.

Проверете со чепкалка дали бисквитот е печен, па извадете го и оставете го целосно да се олади. Потоа сечете го на коцки и пригответе го пореливот. Во едно тенџере ставете го млекото и чоколадото искршено на коцки. Ставете да се загрева на рингла на умерена температура.

Кога млекото ќе се загрее, а чоколадото ќе се растопи, додадете го и путерот исечен на помали парчиња, па оставете да се загрее до вриење. потоа тргнете го тенџерето на страна и додадете пина колада или некој друг ликер, каков имате, да има вкус и арома на кокос.

Потоа сечените коцки натопувајте ги во растопеното чоколадо, па валкајте ги во чинија со кокосово брашно и на крај наросувајте ги со листчиња од бадем. Белите чупавци послужете ги добро изладени. По желба, овие чупавци можете да ги натопувате наизменично во растопено бело и црно чоколадо. / Coolinarika.com

II РЕЦЕПТ – Не можете ни да замислите колку се добри… Рафаело чупавци. Рецепт и видео презентација на „Киша од Слаткиша“ – Рафаело чупавци, одличен рецепт, лесен и пред сè многу вкусен. Верувам дека ќе ви се допадне, особено на сите љубители на кокосот.

Потребни состојки за кора: 3 јајца, 180 г шеќер, 125 мл масло, 260 г брашно, 100 мл млеко, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 1 прстофат сол. За прелив: 250 мл слатка павлака, 150 мл млеко, 100 г шеќер, 150 г бело чоколадо, 50 г млеко во прав и кокос за наросување

Постапка: Во подлабок сад ставете 260 г брашно и помешајте со една кесичка прашок за печиво и еден прстофат сол. Во посебен сад ставете 180 г шеќер, а во него промешајте една кесичка ванилин шеќер. Од трите јајца посебно одвојте ги белките од жолчките.

Со помош на миксер пенасто изматете ги белките со постепено додавање на кристал шеќерот. Матете приближно 5-6 минути додека шеќерот да се растопи, а белките да се претворат во цврст и сјаен снег. Потоа започнете да ги додавате една по една, трите жолчки.

Откако едната жолчка ќе се соедини во снегот, додадете ја следната. На овој начин снегот нема да „падне“ и ќе остане воздушест. Потоа додека сè уште матите, додадете 100 мл млеко и 125 мл масло во тенок млаз и претходно приготвеното брашно помешано со прашок за печиво.

Продолжете да матите со миксерот додека да добиете хомогена смеса. Плехот од рерна обложете го со хартија, па излејте ја приготвената смеса и рамномерно распоредете ја.  Израмнете ја површината и малку протресете го плехот за дополнително да се распореди.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени приближно 20-тина минути (проверете со чепкалка дали е готова). Оставете ја кората да се олади, а потоа сечете ја на коцки. Најдобро е да си нацртате шема со помош на линијар за да ги исечете правилно коцките.

Пригответе го преливот: Во тенџере ставете 250 мл слатка павлака заедно со 150 мл млеко. Загревајте на умерена температура, па додадете 150 г бело чоколадо искршено на коцки и промешајте додека чоколадото да се растопи и соедини. Потоа додадете 100 г шеќер и 50 г млеко во прав.

Промешајте добро додека сите состојки да се растопат и соединат во изедначена хомогена смеса. Кога смесата ќе стане течна, мазна, сјајна и берз грутчиња, тогаш преливот за натопување на колачињата е готов. Оставете го на страна малку да се подизлади.

Потоа кратко потопувајте ги коцките во преливот од сите страни. ова правете го брзо зошто коцките брзо го впиваат преливот, па ако останат подолго во него може да се распаднат. Откако ќе ги извадите веднаш валкајте ги во кокосово брашно, убаво да се нафатат од сите страни.

На ист начин можете да направите и чупавци со темно чоколадо. Пред послужување добро изладете ги. Неверојатно се сочни, меки и вкусни. Деталите од целата постапка на приготвување можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.

Loading...