I РЕЦЕПТ и видео презентација на Маца од Лесни Оброци. Ова е една од питите која веднаш се разграбува. Брзо се приготвува и многу е вкусна, па секогаш и во било кое време можете да ја приготвувате кога сте премногу зафатени и немате време за месење тесто.
За да ја приготвите оваа пита ќе ви бидат потребни само неколку состојки: 500 г готови кори за пита, 4 големи јајца (или 5 помали), 100 мл масло, 500 мл јогурт, 150 мл газирана вода, 1 лажичка сол или по желба, сусам за наросување одозгора или некое друго семе по желба.
Постапка: намастете тепсија со масло за готвење, а корите отворете ги. Земете ја првата кора и соберете ја со прстите како армоника и ставете ја во тепсијата. На ист начин постапете и со останатите кори исполнувајќи ја тепсијата сета, додека целата да се исполни.
Последната кора свиткајте ја како полжав и поставете ја во средината. Вака приготвената пита тргнете ја на страна додека го приготвувате преливот. Во длабок сад ставете четири јајца, 100 мл масло, една лажичка сол и со жица-маталка изматете ја смесата.
На крај додадете 500 мл јогурт и 150 мл газирана вода, па добро промешајте додека да се изедначи смесата. Со оваа смеса со помош на кутлача рамномерно прелијте ја питата преку целата површина. Со виљушка проверете дали насекаде течноста подеднакво навлегува помеѓу корите.
Вака приготвената пита оставете ја 10-тина минути додека убаво да се впие течноста, па одозгора наросете сусам. Ставете да се пече во добро загреана рерна на 200 степени околу половина час или додека питата убаво да зарумени одозгора.
Доколку забележите дека пребрзо ви заруменува одозгора, покријте ја со голија одозгора. Печената пита извадете ја од рерна и оставете ја малку да подизлади, па сечете ја и послужете ја. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ – Не само што е многу евтина и брза, туку е и многу вкусна – гибаница од само 3 состојки. Доколку немате многу време, а сакате да приготвите нешто вкусно, притоа брзо и едноставно, тогаш оваа гибаница од само три состојки е одлично јадење кое може да го замени и ручекот.
Заситна е, ќе ви заштеди пари и време, а ќе ви ги наполни стомаците. Запишете си го рецептот. Ќе ви бидат потребни околу половина килограм готови кори, 6 јајца и еден литар јогурт. Навистина одличен рецепт.
Потребни состојки: 500 г кори за пита, 6 јајца, 1 литар јогурт, 1 лажица сол, малку масло за намастување на тепсијата (30 см).
Постапка: Изматете ги јајцата со миксер малку да запенат. Додадете јогурт (оставете 3-4 лажици за премачкување). Измешајте ги јајцата и јогуртот. Намастете ја тепсијата. Ставете еден лист и уште еден врз него, попречно. Потоа земајте по половина кора, па згужвана натопувајте ја во смесата и редете во тепсија.
Не ги притискајте една врз друга, но редете ги да биде пополнето а не стиснато. Исто така, не штедете на фил. Кога ќе направите еден ред, земете една кора и поделете ја на 3 дела, не мора прецизно. Малку згужвани наредете ги тука-таму врз натопените кори.
Продолжете со натопување и редење врз овие суви кори. Овие суви кори се ставаат за да впијат малку од филот. Оставете една за горе. Ако ви остане фил прелијте го преку згужваните кори. Поклопете со корите кои висеа од страна, ставете ја последната кора и премачкајте со јогурт.
Печете на 200 степени најмалку половина час. Кога ќе зарумени гибаницата покријте ја со хартија и печете уште 10 минути. Како прилог со гибаницата може да послужите кисело млеко – тоа е совршена комбинација. Исто така, ако почекате малку да подизлади, уште повеќе ќе уживате во вкусот. / Kuvajmoblogovski.com
III РЕЦЕПТ – Експресно брза гибаница, многу е вкусна и лесна. Рецептот го добив од свекрвата на сестра ми, често го правам поради вкусот и брзата подготовка. Потребни состојки: 500 г готови кори, 350 – 500 г сирење, 100 мл јогурт, 100 мл газирана вода, 4 јајца, 100 мл масло и сол.
Постапка: 1.Изматете ги јајцата, јогуртот и киселата вода, малку посолете. 2.Во намастена тепсија ставете една третина од корите, но секоја кора посебно по малку испрскајте ја со врело масло. 3.Потоа ставете половина од сирењето, повторете ја постапката, повторно кори кои ги прскате со врело масло, па сирење и на крај третиот ред кори.
4.Гибаницата исечете ја на коцки со остар нож, па горната кора исто така испрскајте ја со врело масло и прелијте со смесата од јајца. Оставете некое време да впијат корите и ставете да се пече околу 35 минути на 180 степени, додека добие златно жолта боја. / Coolinarika.com
IV РЕЦЕПТ – Како гибаницата да биде воздушеста: Рецепт за гибаница од еден татко / Рецепт на Гурманче. Растресена, воздушеста и висока, нималку жилава, ниту масна, мојата омилена гибаница по еден едноставен, старински рецепт.
Честопати тато ме изненадуваше за појадок или вечера, само во еден миг ќе почувствував мирис кој допира од кујната…Татко ми повеќе го нема… А мирисот на оваа гибаница секојпат ме враќа, барем на момент во оние безгрижни времиња кои ги поминувавме заедно… Рецепт за домашна гибаница, каква што ја правеше еден омилен татко.
Потребни состојки: 500 г квалитетни кори за гибаница, 3 јајца, 200 г полномасно старо бело сирење, 250 мл газирана вода (или малку повеќе, по потреба), 1 прашок за печиво, малку масло (може и не мора). Не треба да се посолува доколку сирењето е доволно солено
Постапка: Во поголем сад изматете јајца, па додадете сирење и потоа издробете го во виљушка. Кога целосно ќе го издробите, добро промешајте за да се изедначи. Додадете газирана вода, прашок за печиво и малку масло (иако не мора, особено ако сирењето е силно).
Убаво промешајте да се изедначат состојките. Една по една, натопувајте ги корите во приготвената смеса. Процедувајте ги како што се цеди сунѓер, само малку понежно – треба да се направи растресена топка од секоја кора, никако компактна повеќе од што мора.
Направените гужвани купчиња редете ги едно покрај друго во намастен висок плех. Доколку на крај останат трошки сирење кои не се зафатиле на корите, рамномерно распоредете ги помеѓу наредените купчиња.
Тоа што овие купчиња се редат директно во плехот, без кора на дното која служи како подлога, дава некоја посебна магија, бидејќи некои парченца сирење убаво се запекуваат и на кората и даваат посебна арома.
Вака приготвената гибаница ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 30-45 минути – готова е кога ќе зарумени и кога ќе започне да се шири неодоливиот мирис.