Рецепт и видео презентација на Јелена Петровиќ од Бабина кујна – Како да ги приготвите најсочните кремендали. Ова се навистина одлични кременадли, прсти да излижеш, а месото се топи во уста. Толку се сочни и меки, што со помош на овој рецепт секогаш ќе уживате во нивниот вкус.

Она што е најдоброто кај овие кременадли е тоа што се приготвуваат во рерна, па немате прскање и валкање наоколу како што е обичај кај класичното приготвување на кременадлите. Се добива и преубав сос, па заедно со некој прилог, може да послужите комплетен и многу вкусен ручек.

Еве што ви е потребно за да го приготвите ова вкусно јадење: 2 кременадли (може и повеќе, колку сакате), масло, сол, црн пипер, зачин по вкус, 1-2 лажици брашно, малку кари, малку сенф, 1 лажица ајвар, 1 поголемо чешне лук или 2-3 помали.

Постапка: кременадлите ставете ги помеѓу две кеси и врз даска истолчете ги со чекан за толчење да ги стенчите до дебелина од приближно половина прст. Месото мора да се истолчи за да омекне и да не остане незготвено на подебелите делови, обично кај коската.

Отако ќе ги обработите кременадлите, секоја посолете ја малку од двете страни, зачинете со сув зеленчуков зачин (вегета), а потоа и запиперете, најдобро со свеже мелен црн пипер за да добие убава арома. По желба ставете и малку кари и добро протријте го месото.

Откако убаво ќе ги зачините кремендалите, преку целата површина премачкајте ги со тенок слој сенф (може да ставите и повеќе, но имајте во предвид дека после печењето ќе преовладува вкусот на сенф). Вака премачканите кременадли извалкајте во брашно, убаво да се обложат.

Откако вака ќе се приготви месото, потребно е да се пропржат малку на загреано масло за да се затворат порите на месото и да добие убава румена боја, а во средината да остане сочно и богато со сопствените сокови. Значи, во една нелеплива тава загрејте малку масло на умерена температура.

Спуштете ги кременадлите во маслото и пржете ги по неколку минути од двете страни додека да заруменат. Во истото масло во кое се пржеа кременадлите ставете 1-1,5 лажица брашно и пропржете го околу половина минута, додека малку да ја смени бојата.

Додадете една лажичка црвена зачинска пиперка во прав и една лажица ајвар, па добро промешајте да се изедначат. Потоа налејте малку вода и промешајте за да добиете кашеста структура. Во запршката додадете малку зачин и повторно промешајте за да се раствори.

Кременадлите ставете ги во огноотпорен сад или плех во кој ќе ги готвите и одозгора прелијте ги со приготвената запршка. Во овој сос додадете и малку сечкано лукче (едно поголемо или повеќе, по желба). Може да додадете и еден домат исечкан домат на коцки.

Садот покријте го со алуминиумска фолија и ставете ги кременадлите да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 40 минути. пред крајот од печењето извадете ја фолијата за малку да се запече месото, но не премногу за да не се исуши и да не ја изгуби сочноста.

Печените кременадли извадете ги од рерната и оставете ги малку да подизладат, а потоа послужете ги со некој прилог како компир пире, печени компири, варен ориз, варена зеленчукова мешавина и слично. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ. Подолу можете да прочитате уште еден ОДЛИЧЕН рецепт.

II РЕЦЕПТ – Кременадли од рерна: многу меки и сочни, во убав сос, се приготвуваат многу едноставно и брзо.. Потребни состојки: 5 поголеми кременадли (околу 1 кг), 1 главица кромид, 5 чешниња лук, 1 говедска коцка за супа, 500 мл врела вода, 100 мл бело вино. Од зачини сол, црн пипер, ловоров лист, масло, прашно за панирање.

Постапка: Од кременадлите отстранете ја коската (или замолете го месарот тоа веднаш да го направи при купување), истенчете ги со чекан за чукање месо, посолете и ставете црн пипер по вкус.

Потоа валкајте ги во брашно (јас ставам грахам или интегрално брашно за да бидат потемни) и запржете ги во загреано масло колку да добијат убава румена боја. Потоа наредете ги во намастен огноотпорен сад. Одозгора малку наросете со масло, а преку кременадлите ставете неколку ловорови ливчиња.

Во истото масло на јое ги пржевте кременадлите пропржете го кромидот исечкан на ленти, па додадете ситно сечкан лук и 3-4 лажици брашно. Во половина литар врела вода разматете ситно издробена коцка за супа и со тоа прелијте го пропржениот кромид со брашно, па уште малку мешајте за да се згусне и малку посолете.

Прелијте ги кременадлите со сосот, целосно да бидат прекриени, бидејќи делумно ќе испари а делумно ќе го впијат кременадлите. Додадете и малку вино (малку наросете ги одозгора за убаво да се натопат и да бидат сочни).

Поклопете го садот или покријте го со алуминиумска фолија и печете во рерна околу 45 минути на 180 степени, потоа тргнете го капакот/фолијата и печете уште 10 минути да се запече. Во преливот можете да додадете и лажичка црвен пипер, благ или лут, по ваша желба.

Кога кременадлите ќе бидат готови извадете ги од рерна и оставете ги малку да подизладат пред послужувањето. Кременадлите се вкусни и топли и ладни. Со кременадлите може да се сервира компир пире, тестенини, ориз… и секако салата по избор.