Џеј Рамадановски ги оперираше срцевите залистоци пред три години. За жал, денес, 6 декември, на 57 годишна возраст, неговото срце престана да работи.
“Не се гледам ниту со најдобрите пријатели и мора да признам дека многу ми недостига кафеаната. Јас сум боем во душа и едвај чекам повторно да одам во некоја биртија кога сето ова ќе помине, иако не би смеел да пијам”, раскажа Џеј само пред неколку денови, боем, хедонист, пејач за кој нема кој не слушнал, а нема ни таков кој не го сакаше.
Да пие не би смеел ниту кога ќе поминеше сиот овој ужас, бидејќи пред само три години ги оперираше срцевите залистоци. За жал, денес запре неговото срце.
Затоа, овој текст за болестите на срцевите залистоци му го посветуваме на Џеј.
ИНСУФИЦИЕНЦИЈА НА МИТРАЛЕН ЗАЛИСТОК
Митралната валвула е срцев залисток кој се наоѓа помеѓу левата преткомора и левата комора на срцето. Кога ќе заболи, митралниот залисток може да биде стеснет и тоа се нарекува стеноза.
Доколку залистокот не се затвора адекватно во периодот на истискување на крвта, станува збор за инсуфициенција или митрална регургитација.
МИТРАЛНА СТЕНОЗА некогаш беше главната причина за болест на митралниот залисток поради нелекувани стрептококни инфекции на грлото. Денес, со оглед на широката примена на антибиотиците, митралната стеноза е сѐ поретка.
ИНСУФИЦИЕНЦИЈА НА МИТРАЛЕН ЗАЛИСТОК, односно митрална регургитација е најчестиот облик на митрална болест.
Кај митрална инсуфициенција, залистокот не се затвора во фаза на исфрлање на крвта, така што само дел од крвта се уфрла во аортата, а дел се враќа назад, во левата преткомора и кон белите дробови.
Со текот на времето ова доведува до оптеретување на срцето о пропаѓање на срцевиот мускул, проследено со замор, гушење и пореметување на ритамот, што се главни симптоми на митралната болест.
Митралната регургитација исто така може да се појави и кај коронарна болест, односно после инфаркт на миокардот.
АОРТНА СТЕНОЗА
Стеснување на аортниот залисток или аортна стеноза е најчестото заболување на овој залисток. Главно има дегенеративна природа и се јавува со текот на годините, кога доаѓа до намалување на отворот на аортниот залисток низ кој срцето ја исфрла крвта, а што доведува до оптеретување на срцето.
Оваа мана со текот на годините добро се поднесува, што не значи дека за тоа време срцето не пати и не пропаѓа- Кога ќе се појават симптомите како што се синкопи – ненадеен губиток на свеста, ангинозна болка – болка како кај ангина пекторис и попуштање на срцето (лесно заморување, гушење во лежечка положба), болеста веќе значително е напредната, а срцевиот мускул сериозно оштетен.
Од исклучително значење е аортната стеноза на време да се препознае и да се лекува. Со тоа се намалува оперативниот ризик и се зголемува квалитетот на живеење после операцијата.
Хируршкото лекување е единствен облик на лекување
Попуштањето на аортниот залисток или аортната регургитација е болест на аортниот залисток кај која заболениот аортен залисток не може да се затвори, така што крвта од аортата се враќа во срцето и го оптеретува.
Кога ќе се јави новонастанатата – акутна аортна регургитација проследена со висока температура и грозница, треба да се посомнева на бактериски ендокардитис – бактериска инфекција на залистокот.
Тоа е ургентна состојба која бара моментна хоспитализација, примена на силни антибиотици и хируршка интервенција.
ЛЕКУВАЊЕ НА БОЛЕСТИТЕ НА ЗАЛИСТОЦИТЕ
Митралниот залисток кај поголемиот број болни е можно да се реконструира, односно да се поправи. При таквата операција се користи ткиво од пациентот. Меѓутоа, доколку тоа не е возможно, се прави замена на залистоците. Тоа е опција кај која пациентот добива вештачки залисток кој може да биде механички или биолошки.
Предноста на механичкиот залисток е долготрајноста, а недостатокот е неопходноста од земање на антикоагулантна терапија, која со себе носи значителни несакани ефекти.
Лицата кои се помлади од 65 години генерално би требало да добијат механичка валвула, затоа што биолошката валвула кај нив побрзо пропаѓа. Меѓутоа, доколку постои ризик од крвавење или станува збор за жена која би сакала да раѓа, разумна опција е вградување на биолошки залисток со задолжително информирање на пациентот дека после извесно време ќе следи уште една операција за замена на залистоците.
Пореметување на метаболизмот на калциумот или попуштање на бубрезите, се некои од состојбите кои не дозволуваат примена на биолошки залисток.
За разлика од механичките залистоци, билошките имаат помала трајност, но болниот не мора да зема антикоагулациона терапија. Најдобро е пациентите постари од 65 години поради зголемена веројатност за појава на компликации од самата терапија, да добијат биолошка протеза.
Високоризични болни со заболен аортен залисток често имаат неприфатлив оперативен ризик. Тераписката опција за овие пациенти е интервентна процедура со вградување на аортен залисток преку посебен систем од жици и катетер, TAVI процедура.