Доколку сте во потрага по вкусни рецепт за посни колачи, особено оние што се приготвуваат без масло, тогаш сте на вистинското место. Одберете некој од предложените 11 рецепти од нашата архива и одберете го највкусниот, па споделете во коментарите под постот.

I Посен чоколаден колач за пост на вода, а вие можете и секој ден да го правите

Добар рецепт за едноставен и брз колач на вода. Може да се прави и секојдневно бидејќи многу е вкусен и сочен, не се забележува дека во него нема масло, млеко и јајца. Споделете го рецептот со вашите пријатели.

Потребни состојки: 400 мл вода, 250 г брашно, 1 прашок за печиво, 3 полни лажици џем (јас користев од јагода, но може било кој) и 100 г шеќер. За прелив: 2 лажици какао во прав, 50 г шеќер, 100 мл вода и 1 ванилин шеќер

Постапка: вклучете ја рерната на 200 степени. Изматете шеќер, вода, џем. Додајте брашно и прашок за печиво. Не треба да користите миксер. Излејте ја смесата во помала тепсија, распоредете ја и израмнете ја, па ставете да се пече околу 20-30 минути.

Сварете ги сите состојки кои се наведени за прелив и додека е врел, прелијте го преку врелиот колач. Одозгора наросете со кокосово брашно или мелени ореви или нешто по ваша желба. Оставете го колачот целосно да се излади, па сечете го на коцки и послужете.

II Посен колач со ореви и џем, осмислен од монахињи за пост на вода

Овој колач го имаат осмислено монахињите за постите на вода, меѓута толку е вкусен и сочен, што можете да си го приготвувате било кој ден, независно од постите. Многу е вкусен, а направен е од состојки кои секоја куќа ги има. Многу брзо и лесно се приготвува.

Потребни состојки: 12 лажици шеќер, 20 лажици меко брашно, 1 прашок за печиво, 400 мл вода, 1 лажичка сода бикарбона, 8+4 лажици мелени или блендирани ореви, 4+4 лажици домашен џем по желба

Постапка: вклучете ја рерната на 200 степени. Во еден сад ставете шеќер, брашно, вода, 8 лажици ореви, 4 лажици џем по желба, прашок за печиво, сода бикарбона и сето добро измешајте го. Наместо ореви може да се стават лешници, а и џемот исто така можете да го комбинирате (во тестото ставив џем од сливи а го премачкав со џем од кајсии).

Во обложен плех со хартија (димензии 30х20 см) излејте ја целата смеса и убаво распоредете. Кога ќе ја ставате хартијата, внимавајте таа со мазната страна да биде нагоре, ќе осетите под прсти дека едната страна е помазна од другата. Смесата треба да биде нешто погуста од јогурт.

Ставете да се пече 30 минути, во зависност од рерната. Ако не сте сигурни, проверете со чепкалка. Кога ќе потемни од горната страна, значи дека е готов. Врелиот колач премачкајте го со 4 лажици џем и наросете 4 лажици мелени ореви, па оставете да излади и тогаш сечете го. Јас веднаш, уште додека беше врел го извадив од хартијата и го ставив на даска, па потоа го премачкав и наросив.

III Евтин а ПРЕУБАВ посен колач, сочен – се топи во уста

Преував рецепт за многу евтин посен колач кој се прави многу брзо и едноставно. Толку е мек и сочен, се топи во уста. Пробајте, навистина е одличен.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г суво грозје, 12 лажици шеќер, 15 лажици брашно, 5 лажици гриз, 1 цимет, прашок за печиво и ванилин шеќер, 400 мл вода, 1 лажиче сода бикарбона, 8 лажици мелени ореви, 4 лажици џем од сливи

ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: џем по избор и мелени и сечкани ореви

Постапка: измешајте ја водата и шеќерот, додајте 5 лажици гриз, 15 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 8 лажици мелени ореви, 1 лажичка сода бикарбона, рендана кора од лимон или портокал, цимет, ванила и 4 полни лажици џем.

Смесата добро измешајте ја да се изедначат состојките. Вака приготвеното тесто за колач кое е со полутечна конзистенција, излејте го во калап 26 см обложен со хартија. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 40 минути. Додека е топол премачкајте го со џем и наросете го со сечкани/мелени ореви.

IV Посен колач со вишни без масло (посно на вода) – Ова е еден многу вкусен посен колач на вода, збогатен со вишни.

Потребни состојки: 12 лажици шеќер, 400 мл вода, 20 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 4 лажици џем по избор (одберете помек за да може убаво да измати), 100 г, пченички ‘ркулци (тоа е замена за ореви и се користи во пост на вода, а ако немате може да ставите мак, рогач или нешто слично), 300 г чистени вишни

Постапка: во водата додајте џем и шеќер и добро промешајте. Потоа додајте пченични ‘ркулци, промешајте, па брашно помешано со прашок за печиво и убаво сè соединете. На оваа смеса додајте одмрзнати и исчистени вишни, па промешајте со лажица. Оставете да отстои додека рерната се загрее на 180 степени.

За тоа време вишните малку ќе се отпуштат, па затоа уште еднаш промешајте за да соедини и испуштениот сок. Излејте ја смесата во плех со димензии 30х20 обложен со хартија и печете околу 30 минути во зависност од рерната. Исечете на коцки и наросете со шеќер во прав.

V ПОСЕН КОЛАЧ БЕЗ КАПКА МАСЛО, погоден за пост на вода, сочен, вкусен, мек и миризлив: Колачот иако нема масло, многу е вкусен и сочен, мек и миризлив. Ќе го правите и кога не постите.

Потребни состојки: 3 банани, 2 јаболка, 4-5 лажици суво грозје, 1 портокал, 10 лажици сомелни овесни снегулки, 10 лажици бело брашно, 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сода бикарбона, малку цимет, 1 лажичка оцет, 3 лажици какао, 350 мл вода, 5 лажици шеќер, 2-3 лажици гриз и шеќер во прав за наросување:

Постапка: Во подлабок сад ставете 10 лажици мелени овесни снегулки, 10 лажици брашно, 2-3 лажици гриз, малку цимет, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 1 рамна лажичка сода бикарбона и промешајте. Во сувите состојки по желба може да додадете и неколку лажици мелени ореви.

Во посебен сад испасирајте ги бананите, додајте суво грозје претходно натопено и набубрено во вода, 1 лажичка оцет, рендани јаболка, рендана кора од еден портокал.
Потоа соединете ги сувите и влажните состојки и постепено додавајте вода мешајќи додека да добиете изедначена смеса.

Додајте и 4 лажици шеќер или по вкус, 2 полни лажици какао. Добиената смеса излејте ја во калап или плех со средна величина, обложен со хартија, па ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час. Додека е топол прелијте го со сок од еден портокал, а кога ќе подизлади наросете го со шеќер во прав.

VI Манастирска пита – посно на вода!

Потребни состојки за тесто: 100 г шеќер, 6 лажици џем од кајсии, 1 шолја сечкани ореви, 1 шолја сечкани урми, 1 шолја сечкано суво грозје (или цело), ½ л млака вода, 1 портокал – сок и рендана кора, 500 г брашно, ½ кесичка прашок за печиво, лимонова кора, 1 лажичка сода бикарбона, ½ лажичка цимет.

Потребни состојки за украсување: 3 лажици џем од кајсии, 3 лажици мелени ореви.

ПОСТАПКА: во подлабок сад ставете: брашно, прашок за печиво, шеќер, ореви, урми, суво грозје, рендана кора од лимон и портокал, сода бикарбона, цимет и џем од кајсии кој претходно сте го разредиле со неколку лажици млака вода.

Сето добро промешајте го, додадете сок од портокали и остатокот од вода, па префрлете го тестото во тркалезен калап обложен со хартија, израмнете со лажица и печете во загреана рерна на 180 степени околу 30 минути.

Колачот извадете го од рерна, премачкајте го со џем па печете уште 5-10 минути. Изладениот колач исечете го на парчиња, поросете со мелени ореви и сервирајте со кафе или топло какао.

VII Посен колач со џем од кајсии и ореви – се топи во уста, брз и едноставен за подготовка / Фотографија и рецепт на Александра Шуманова

Рецептот за овој многу вкусен посен колач ни го претстави нашата драга членка Александра Шуманова во групата НМД рецепти. Брзо се приготвува, се мешаат сите состојки и додека се пече прекрасно ќе ви замириса кујната.

Потребни состојки: 400 мл вода (може и газирана), 12 лажици шеќер, 20 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сода бикарбона, 8 лажици ореви (4 мелени + 4 сечкани), 4 лажици џем од кајсии

Постапка: сите состојки убаво ги матите со миксер во поголем сад додека да добиете хомогена смеса. На крај ги додавате оревите и промешувате. Добиената смеса излејте ја во тепсија бр.28 претхоно намастена и побрашнета.

Ставете да се пече во загреана рерна на 190 степени околу половина час. Проверете со чепкалка дали е добро печен колачот. Уште додека е топол печениот колач, штом го извадите од рерна премачкајте го со џем од кајсии преку целата површина и обилно наросете го со сечкани/мелени ореви.

VIII Посен колач со ореви, толку е вкусен што почнав секој втор ден да го правам: Многу е повкусен од другите колачи, треба да го пробате.

Потребни состојки: 100 г мелени ореви, 100 г шеќер, 10 лажици било кој негазиран сок, 150 г брашно, 250 мл газирана вода, 1 прашок за печиво, 150 г посен шлаг, 150 мл газирана вода и 50 г блендирани ореви, може и мелени

Постапка: во сокот додајте го шеќерот и мешајте додека да се раствори. Додајте газирана вода. Измешајте го брашното, мелените ореви и прашокот за печиво, па додајте го во претходната смеса и убаво изматете за да се соедини.

Загрејте ја рерната на 160 степени, па во обложен плех со димензии 20х35 см или приближно, излејте ја смесата и рамномерно распоредете. Ставете да се пече околу 25 минути или во зависност од рерната. Печениот бисквит оставете го да излади. Изматете го шлагот со газирана вода, па нанесете врз колачот а одозгора наросете ореви.

IX Овој посен колач со суво овошје е Уауууу! Мора да го пробате, само толку ќе ви кажам / Фотографија и рецепт на Мари

Е ова е навистина нешто што не смеете да го пропуштите. Мора да го пробате и тоа е сè што ќе ви кажам. Многу сум и благодарна на тетка ми за рецептот!

Потребни состојки: 100 г суви сливи, 100 г суви кајсии, 100 г цели ореви, 100 г цели лешници, 1 голема лажица суво грозје натопено во рум, 1 голема лажица какао, 1 мала лажичка цимет, 200 г шеќер, 250 г брашно, 5 големи киселкасти јаболка (не смеат да бидат слатки) и 1 прашок за печиво

Постапка: во еден поголем сад ставете сливи, кајсии, ореви, лешници и суво грозје претходно натопени во рум. Не треба ништо да сечете, ставете ги цели плодовите.
Потоа изрендајте ги јаболката во смесата и повторно добро промешајте. Додајте брашно помешано со прашок за печиво и какао.

Мешајте со лажица или со рака, ако е потребно додајте уште малку брашно. Четириаголен калап за леб ( должина 30 см, ширина 11 см, длабочина околу 8 см) намастете го со маргарин и наросете го со лебни трошки.

Смесата со лажица рамномерно распоредете ја во калапот и израмнете. Ставете да се пече во загреана рерна на 160 степени околу 1,5 час на долната решетка во рерната.
Бев воодушевена од колачот штом го пробав.

X Посен колач без капка масло: Ништо поздраво и повкусно нема да изедете во овие денови на пост. За денови на пост на вода, ова е одличен колач, кој не само што е многу вкусен, туку содржи и здрави калории.

Потребни состојки: 200 г брашно (може обично, хељдино, оризово…), 100 г шеќер (може интегрален, ксилотол, брезов), 100 г ореви+50 г, 400 мл газирана вода, 2 лажици џем и 1 прашок за печиво

Постапка: во подлабок сад ставете 400 мл газирана вода и џем, па промешајте да се раствори џемот. Потоа додајте го шеќерот, брашното со прашок за печење и мелените ореви.

Мешајте добро за да се изедначи смесата која треба да биде течна. Плех со димензии 30х20 см обложете го со хартија за печење. Излејте ја смесата рамномерно и протресете. Печете во загреана рерна на 200 степени, околу 50 до 60 минути. Печениот колач додека е врел премачкајте го со џем од кајсии и наросете го со мелени ореви.

XI Кремаст посен колач кој се приготвува за 10 минути, без печење – никогаш побрзо, никогаш полесно. Колачот е многу е вкусен, можете во било кое време да го приготвите, постапката е брза и лесна.

Потребни состојки: 2 посен шлаг, 250 мл сок од јаболко или некој друг сок, 50 г кикирики исечкани крупно, 30 г ореви исечкани крупно, 30 г лешници исечкани крупно, 150 посни биксвити по желба (со чоколадо), 5-6 петит кекси, малку сок за натопување на петит бисквитите, 2 лажици шеќер и глазура по желба

Постапка: прашокот за шлаг измешајте го две лажици шеќер и 250 мл сок од јаболка, па изматете го со миксер (малку подолго). Во шлагот додајте сечкани лешници, ореви и кикирики. Промешајте за да се изедначи смесата.

Посните бисквити искршете ги крупно и додајте ги во смесата со шлагот. Промешајте и по потреба додајте уште бисквити. Во мал калап обложен со проѕирна фолија рамномерно распоредете ја смесата и израмнете.

Одозгора наредете петит бисквити претходно натопени во малку сок. Затворете со фолијата и ставете во замрзнувач да отстои два часа или во обичен фрижидер преку цела ноќ за убаво да омекнат бисквитите. Потоа извадете го, превртете го врз тацна за послужување и прелијте го со чоколадна глазура по желба. (Глазура: 50 г чоколадо со 1 лажица масло растопено на пареа).