Имунолошкиот систем нè прави силни и ни овозможува да се одбраниме од вируси и бактерии. Како да се испочитува постот, а да го сочувате здравјето и имунолошкиот систем?
Божиќниот пост започнува на 28.ноември и трае до 6.јануари 2021 година. Постот подразбира преминување на поинаков режим на исхрана.
Не треба да се заборави дека моментно пандемијата е во својот најголем подем, а на организмот му е неопходна храна која ќе му обезбеди силен имунитет, со доста витамини, пред сè витамин Д.
Како да се испочитува постот, а да се сочува здравјето и имунолошкиот систем?
Како да се постигне баланс во исхраната и имунитетот имајќи ја во предвид епидемијата со kopoна вирусот. Гостувајќи во утринската програма, нутриционистката Тања Бакрач истакна дека постот подразбира изоставување на намирници од животинско потекло и дека тој треба да биде разновиден.
Важно е да водиме сметка да внесуваме доволно нутриенти, белковини, како и масти и јаглени хидрати.
“Постот не треба да биде едноличен за да не го намалиме имунитетот и да не дојде до проблеми со здравјето. Особено е важно да не се одбегнува појадокот.
Во текот на постот треба да се консумираат намирници кои се свежи и кои содржат витамини, минерали и влакна”, истакна нутриционистката Тања Бакрач.
Кога и да постои било каква опасност со постот да се загрози здравјето, верникот се разрешува од постот. Од постот се разрешени болните, трудниците и доилките, оние кои се занимаваат со тешка физичка работа. Најдобро е секој верник да се посоветува со својот свештеник во врска со постот.
Како да се подготви организмот за пост и премин од еден начин на исхрана на друг?
Тој премин треба да биде постепен, за да може дигестивниот тракт да се приготви за промените во исхраната. Индустриската храна треба да се сведе на минумум во исхраната, а што повеќе да се консумира свежа храна. Така и психички и физички ќе се чувствуваме подобро”, истакна нутриционистката.
Исто така, таа додаде и дека во текот на постот може да дојде до недостиг на витаминот Д во организмот, бидејќи не се консумираат млечни производи. Тој е значаен за имунитетот, па потребно е да се јаде риба или да се консумираат суплементи од тој тип. Важни се и витамините Б12 и витаминот Ц.
Кој не смее да пости поради здраствен ризик?
“Важно е добро да се осмисли постот, не би требало да постат деца и реконвалесценти. Идејата на постот е да се јакнеме себеси, духот и волјата и, ако се почувствуваме ослабено, може да се прекине постот додека да зајакнеме”, истакна нутриционистката Тања Бакрач.