Рецепт и видео презентација на Валентина Машковиќ – Посна царска-шпанска пита.

Поздрав драги пријатели, наскоро започнува големиот Божиќен пост, па еве еден рецепт кој добро ќе ви дојде и со задоволство ќе го приготвувате.

Се разликува од стандардната царска или шпанска пита и според мене многу е повкусна иако не содржи ниту јајца ниту млеко. Затоа, не го пропуштајте овој рецепт, без разлика дали постите или не.

Потребни состојки:

500 мл газирана вода
200 мл масло
2 лажички сол
2 филџани за кафе пченкарно брашно
1 филџан пченично брашно
1 кесичка прашок за печиво
3 филцани варен ориз
5 кисели краставички
3 кисели пиперки
2 кисели моркови
зачини по свој вкус
2-3 полни лажици лутеница/ајвар/зеленчукова зимница

Постапка:

Киселите краставички, пиперките и морковите исечкајте ги на ситни коцкички. Во подлабок сад ставете две чаши минерална/газирана вода (500 мл), потоа додадете една чаша масло, 2 рамни лажички сол, 2 полни филџани за кафе пченкарно брашно и 1 филџан бело брашно.

Добро изматете со маталка за да се соединат и изедначат состојките, па додадете и една кесичка прашок за печиво.

Во смесата која ќе ја добиете (а треба да биде погуста од онаа за палачинки), додавајте ги по пред сечканите состојки: краставички, морковите, пиперките (не ги цедете од течностите).

Во оваа смеса додадете и 2-3 полни лажици лутеница или некоја зеленчукова салата од зимница која ви се наоѓа по дома. Промешајте добро за да се изедначат состојките и додадете го претходно варениот ориз.

Вака приготвената смеса излејте ја во плех претходно намастен и наросен со брашно. Рамномерно распоредете и израмнете. Рерната загрејте ја на 200 степени, ставете ја питата да се пече околу 30-35 минути или во зависност од вашата рерна (прверете со чепкалка). Кога е печена питата малку се одвојува од страните. Деталите од постапката може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.