Фотографија и рецепт на Верица Николиќ – пченкарни пирошки.
Доколку одбегнувате пржење во длабоко масло и одлучите да ги печете во рерна, тогаш пирошките наредете ги во плех обложен со хартија и премачкјате ги со мешавина од жолчка и млеко, па печете ги во загреана рерна на 200 степени додека да заруменат.
Исто така, доколку во мометот немате или одбегнувате печива со квасец, тогаш може да да ја зголемите количината на прашокот за печиво, односно да ставите 1,5 кесички.
Потребни состојки: 200 г пченкарно брашно, 400 г пченично брашно, 100 мл вода, 150 мл јогурт, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сол, 1 прашок за печиво, 1/3 коцка свеж квасец (од 40 г), 200 г издробено сирење и 2 јајца
Постапка: во топла вода со лажичка шеќер промешајте го квасецот и оставете го на топло да се активира и запени. Во подлабок сад измешајте ги двете брашна, додајте сол, прашок за печиво и промешајте.
Потоа додајте јогурт, сирење, јајца и активираниот квасец. Замесете убаво мазно тесто, покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло да стасува. Доколку тестото го правите само со прашок за печиво, тогаш оставете го 10-тина минути да одмори, па после развлекувајте го.
Стасаното тесто префрлете го на намастена подлога и развлечете го во правоаголна кора со дебелина од 1,5-2 см. Кората исечете ја на ленти со широчина од 2 см, а должина по желба.
Во соодветен сад за пржење ставете масло да биде во висина од 2 см. Загрејте го на умерена температура. Во загреаното масло спуштајте ги пирошките да се пржат, по неколку минути од сите страни додека убаво да заруменат.
Пржените пирошки редете ги во чинија со кујнска хартија за да се впие вишокот маснотија. Послужете ги со прилог по желба, многу се вкусни. / Фотографија и рецепт на Верица Николиќ