Фото и рецепт на Драгана Јовановиќ – „купус” кифли.

„Купус” кифли се наречени поради нивниот изглед, односно поради сличноста со пресечена зелка. Не се прават од класично лиснато тесто, но бидејќи се премачкува во слоеви со прекрасниот фил, тестото по печењето се разлистува, а сепак е меко како памук.

Потребни состојки: 250 мл млеко, 250 мл вода, 1 кг и малку повеќе, по потреба брашно, 1 коцка квасец, 1 жолчка, ½ шолја масло, 1 рамна лажичка сол и ½ лажичка шеќер за квасец

Постапка: во еден сад измешајте млако млеко и млака вода, ставете го квасецот, половина лажичка шеќер и две лажици брашно. Промешајте да нема грутчиња и оставете 10-тина минути за да се активира квасецот.

После 10-15 минути додајте ги останатите состојки и замесете мазно тесто. Покријте го и оставете го 15 минути да стасува.

За премачкување: 250 г путер/маргарин, 1 ½ супена лажица сол и 3 жолчки. Путерот треба да биде полурастопен, додајте му 1,5 лажица сол и 3 жолчки, па добро изматете да се соединат состојките.

Семки за наросување: Во посебен сад измешајте семки од тиква, сусам, ленено семе, црно семе…или што и да сакате по желба.

Стасаното тесто поделете го на 4 дела и формирајте топчиња. Првото тесто развлечете го со оглагија во кора со дебелина од половина см. Преку цела површина премачкајте ја со разматениот путер и тоа во дебел слој.

Потоа развлечете го второто тесто, а кората ставете ја преку неа, па и неа исто така премачкајте ја. Постапката повторете ја и со третата кора. Четвртата кора не се премачкува.

Вака нареденото тесто се развлекува во кора со правоаголна форма, со дебелина од 1,5 см или сами оценете со која дебелина да биде. Преку цела кора премачкајте го со преостанатиот маргарин.

Свиткајте го во ролат од едната страна, но само до половина, па свиткајте и од другата страна, така да добиете два ролати. На средината каде што се допираат исечете ја кората за да се разделат.

Потоа ролатите исечете ги цик-цак, редете ги во плех обложен со хартија или само намастен, со пресечената страна надолу, премачкјате ги од сите страни со белките и наросете ги со семки.

Ако ви се чинат многу семки на мојата фотографија, тогаш ставете по желба, но тестото доста нараснува при печењето и семките упаднуваат и излегува одлично. Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25 минут, додека убаво да заруменат.

Фотографија и рецепт на Драгана Јовановиќ