Фото и рецепт: Александра Шуманова

Рецептот за овој вкусен и кремаст колач ни го претстави нашата драга членка Александра Шуманова во групата НМД рецепти. Колачот е нежен и буквално се топи во уста.

Потребни состојки за кора: 5 белки, 200 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 100 г мелени ореви, 100 г рендано чоколадо, 1 прашок за печиво, 100 г брашно. За глазура: 50 г путер/маргарин, 2 лажици млеко и 100 г чоколадо. За фил: 5 жолчки, 100 г брашно,, 2 лажици нишесте/густин, 500 мл млеко, 200 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 200 г путер и 150 г шеќер во прав

Постапка: Пенасто се матат белките со постепено додавање на шеќерот и ванилата. Се мати додека тој да се растопи и да се добие цврст и сјаен снег. Со лажица се додаваат 100 г мелени ореви, 100 г рендано чоколадо, 1 кесичка прашок за печиво и 100 г брашно.

Смесата се излева во помал плах обложен со хартија или намастен и набрашнет и се пече во загреана рерна на 200 степени околу 15-20 минути. Откако ќе излади се пресекува на две кори.

За фил: Жолчките се матат со виљушка заедно со 100 г брашно, да нема грутчиња, се додаваа и 2 лажици густин и 250 мл млеко. Остатокот од млекото се загрева, па кога ќе зоврие се трга на страна, се меша со приготвената смеса и се враќа на оган уште неколку минути со постојано мешање додека да згусне.

Се трга на страна и се остава покриено целосно да олади. Пенасто се мати путерот со шеќер во прав па се соединува со изладениот крем.
Редење: Кора – ½ фил – кора – ½ фил – глазура.

Фото и рецепт: Александра Шуманова