Нема поубаво од домашна лутеница – фантастична пикантна салата за сите гурмани и љубители на лутата храна. Може да се послужи со било кое печено месо, така што во зимскиот период е вистински избор. Може да ја направите помалку или повеќе лута, во зависност од вашиот вкус.
Лутеницата исто така, може да ја приготвите и без конзерванс. Лесно се приготвува, не одзема многу време, особено затоа што сè се меле и само се готви.
Потребни состојки: 2 кг домати, 3 кг пиперки црвени, 200 г лути пиперчиња, 100 г сол, 200 мл масло, 50 мл оцет, 50 г шеќер, 6 главици лук поситни, 1 лажица сув магдонос и 5 г конзерванс
Постапка: Измијте ги доматите, отстранете ја нечистотијата и исечете го. Сомелете го во блендер, машина за месо или нешто слично. Во длабоко тенџере ставете го мелениот домат, ставете сол, масло, шеќер и оцет, па ставете на оган да се свари.
Се вари на средна температура околу 50-60 минути. Додека се готви доматот пригответе ги пиперките, лукот и лутите пиперчиња.
Пиперките измијте ги, отстранете ги петелките и семето, па исечете ги на покрупни парчиња за да може да се сомеле. Од малите пиперчиња отстранете ги само петелките, а лукот исчистете го.
Сè заедно сомелете и додадете го во доматите. Добро промешајте и сè заедно треба да се готви вкупно два часа на умерен оган. После 1 час и 40 минути теглите и капаците ставете ги во ладна рерна, па вклучете на 120 степени да се загреат 10 минути. Пред да ги извадите теглите од рерна, во лутеницата ставете магдонос и промешајте за да се соедини.
Исклучете го огнот и тргнете го тенџерето, па тогаш извадете ги теглите за бидат топли кога ќе ги полните. На лутеницата додадете конзерванс и добро промешајте за да се растопи (овој чекор може да го прескокнете), па полнете ги теглите. Лутеницата е малку поретка од ајварот.
Наполнетите тегли вратете ги во рерната на 100 степени околу 30 минути, а потоа исклучете ја рерната и оставете внатре да се оладат. Секоја тегла затворете ја со целофан и капак. Чувајте на темно и суво место. Постапката можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.