За да ги зајакнете коските, да одбегнете фрактури и да го спречите процесот на остеопороза, користете го овој народен лек.

Коскеното ткиво е живо ткиво кое се менува во текот на животот. Калциумот се апсорбира преку храната, а за потребите на организмот се ослободува преку коските доколку не се внесува доволно преку исхраната.

Коските се во просес на постојано ремоделирање, од нив се ослободува калциум и во нив се вградува нов калциум. Во текот на детството коските повеќе се изградуваат отколку што се разградуваат, во адолесценција подеднакво се разградуваат и изградуваат, а како што старее човекот, така процесот на разградување станува доминантен и доаѓа до губиток на коскената маса.

Особено кај жените во постменопауза доаѓа до слабеење на коските, намалување на густината и развој на остеопороза. За да ги “наполните” коските со калциум, секојдневно мора да се храните со храна која е богата со овој минерал.

Млекото и млечните производи се најчестиот извор, но не се единствен. Калциум има и во сокот од портокал, сувите смокви, кељот, брокулата, белиот и шарен грав, сусамот.

Секој ден јадете барем една порција зелен зеленчук. Исто така, секојдневно изедете и порција житарици бидејќи се богати со витамини и минерали. Меѓутоа, прекумерниот внес на влакна ја отежнува апсорпцијата на калциумот, па затоа бидете умерени.

Околу 30 г јаткасти плодови може да биде одличен лек против остеопороза, а ако додадете и масло од пченични ‘ркулци ќе го дополните ефектот.

ЈАЈЦА И ЛИМОН

Земете неколку лушпи од јајца и добро измијте ги. Отстранете ги остатоците од белката, но сочувајте ја внатрешната мембрана, бидејќи таа е богата со нутриенти.

Наполнете еден сад со вода и оставете да зоврие. Додадете ги лушпите од јајце и варете ги 10-тина минути за да се елиминираат евентуалните микроорганизми.

Потоа лушпите распоредете ги на некоја стаклена површина и оставете ги преку цела ноќ така да се исушат. Следното утро ставете ги во рерна загреана на 200 степени и печете ги 10 минути. Извадете ги и оставете ги да се оладат.

Вака приготвените лушпи сомелете ги во мелница за кафе додека да добиете фин прав. Добиениот прав чувајте го во цврсто затворена тегла, далеку од влага и топлина.

Од правот од јајцеви лушпи се консумира по една лажичка дневно која може да се подели во три дози за полесна апсорпција. Се меша најдобро со лимонов сок.

Во една чаша исцедете сок од половина лимон. Отстранете ги семките при цедењето. Додадете и 50 мл топла вода, малку мед и една лажичка прав од јајцеви лушпи. Промешајте убаво, па испијте го сокот додека е топол.

Се пие секој ден по една чаша на вака приготвениот напиток. После една седмица, направете пауза со лимоновиот сок од 7 дена, а правот од јајцеви лушпи консумирајте го со вода, млеко или некој друг сок. Потоа продолжете 7 дена со лимовиот сок, по истата постапка, додека има потреба од тоа.