Истражувањата покажале дека брчките на овој дел од лицето можат да бидат прв знак за предупредување дека сериозна болест го напаѓа нашето тело.
Резултатите од истражувањето кое го спровеле француските научници од Универзитетскиот медицински центар во Тулуза, укажуваат на тоа дека брчките на горниот дел од лицето, а најпрво на челото, може да бидат предупредувачки знаци за потенцијални проблеми со срцето и крвните садови.
Научниците тврдат дека врз осносва на нечиј надворешен изглед може многу да се заклучи за неговото здравје.
“Ги проучувавме брчките на челото, бидејќи тие се така едноставни и многу воочливи”, вели авторката на студијата Јоланда Есквирол.
Таа истакнува дека избрчканото чело може да е последица од намалената еластичност на артериите, поради таложење на наслаги на нивните ѕидови.
“Бидејќи крвните садови на челото се многу мали, тие се чувствителни на стеснување, што значи дека тоа би можело да биде ран знак за предвремено стареење и проблем со крвните садови и срцето”, објаснува таа.
Истражувањето е правено 20 години, а во него учествувале 3.200 возрасни здрави лица кои имале 32, 42, 52 и 62 години кога започнало истражувањето.
Бидејќи ова е првпат болестите на срцето и крвните садови да се доведат во врска со брчките, неопходни се понатамошни истражувања.