Home Рецепти ТОУМ, Либански сос од лук – Најдоброто макало што некогаш сте го...

ТОУМ, Либански сос од лук – Најдоброто макало што некогаш сте го пробале

Фото и рецепт: Билјана Ристиќ

Моите три најдобри другарки и јас сакавме кога ќе се најдевме заедно да одиме во либанскиот ресторан. Некако вкусовите ни беа блиски на нашите традиционални јадења и за секого може нешто да се најде. Разно мезе, многу освежителни салати со неизбежните ражничи, разни пити и лебови и многу смеење со чаша квалитетно вино, ми го стоплува срцето.

Еден од омилените сосови е и либанскиот сос од лук бидејќи морам да признам дека сум голем потрошувач на истиот. Па така, кога сакам да бидам асоцијална – потегнувам по теглата со овој бел крем.

Практично е што може да стои во фрижидер 3-4 месеци и да го замени лукот во речиси секаква пригода. Најмногу одговара со риба на скара, зеленчук, сремско сирење, разни дресинзи, месо на скара, брускети и останати печива… добиваат посебна нота доколку нанесете лажичка од овој крем.

Потребни состојки:

3-4 главици лук
1 лажичка сол
½ лимон сок
3-4 шолји (од 200 мл) неутрално масло

Постапка:

Излупете го лукот и оставете го половина час во ладна вода за да не биде сосот многу жесток. После тоа процедете го лукот од водата, додадете лажичка сол.

<

Изблендирајте го лукот додека да се добие хомогена смеса (како на фотографијата). Потоа со супена лажица полека наизменично додавајте го маслото и лимоновиот сок, блендирајќи ја смесата помеѓу додавањата.

Полека се добива емулзија како при приготвување на мајонезот. Полека додадете го и остатокот од маслото додека да постигнете кремаста бела структура.

Префрлете го сосот во тегличка која ќе ја чувате во фрижидер и првиот ден покријте ја со хартиена салветка или памучна крпа. Следниот ден затворете ја со капак.

Фото и рецепт: Билјана Ристиќ