Билката со која денес нè запознава билкарот Мартин Најдовски има повеќе народни имиња. Некој ја знае како Париче, друг како Вампиров лист… но, она што е единствено за неа, а го знаеле нашите предци, е нејзината голема лечителна моќ. Како се користи и за кои заболувања ќе прочитате подолу во текстот.
Дебела Маќеница (lat. Sedum spectabile) – пишува билкарот Мартин Најдовски. Дебела Маќеница или уште позната под народните имиња како Магарешки уши, Вампиров лист, Свекрвин език, Дебела кока, Паре или Паренце, Маќерешка, Маќеничарче е лековита билка од фамилијата на Чувар куќа.
За жал, модерните билкари не ја употребуваат и полека се губат знаењата за лечително својства и употреба. Памтам како мал, немаше куќа каде што не беше одгледувана оваа билка, особено во Велес, населба Дворови, речиси сите стари луѓе ја имаа засадено.
Сега многу поретко ја среќавам во дворовите и речиси воопшто не се зборува за неа… Таа достигнува висина приближно 80 цм, листовите и се меки и сплескани (нешто слично на листот од зелка), се карактеризира со розевобели цветови.
Содржи танини, витамини и околу 0,2 % алкалоиди.
Во народната медицина е многу употребувана билка, но, пак ќе повторам, штета што луѓето не ја одгледуваат повеќе и не ја користат, но верувам дека после ова секој ќе ја најде и посади и ќе ја употребува!
Таа е најдобар лек за гастритис и проблеми со желудникот особено кај вишок киселини. Според мене јас би ја ставил на место број 1 за лекување на гастритис, чир на желудник и дванаесетпалечно црево како и киселина (ждригавица).
Зошто е наречена Вампиров лист? Бидејќи таа влече, надворешно се става како облога за извлекување на гнојот, делува исто а и подобро од тегавецот. Може да се става на акни, и општо секаде каде што има гној за да се извлече. Имав можност пред некое време, на една баба тука во Велес да и помогнам токму со оваа билка.
Имаше дрвце влезено во прстот многу длабоко што и предизвикуваше преголеми болки, а не сакаше да појде на лекар. Ја советував да става лист навечер како облога на местото, притоа горниот дел од листот се лупи, и со страната каде што е излупен се превива на местото. Се завиткува со завој и се остава преку ноќ.
Следното утро се проверува ако сè уште не е испаднато повторно се става следната вечер. Бабата ставаше 2 вечери, следното утро трнот веше излезен, беше пресреќна и воодушевена на моќта на оваа билка.
Листот може да се користи како облога кај рани, или кај убод од некој инсект.
Лековитоста на оваа билка не е доволно испитана па сè уште не се знае како оваа билка е толку моќна и средува многу проблеми.
Од моите стари имам слушнато дека се употребувала и за плодност, но дали е тоа точно или не, не можам со сигурност да тврдам. Поради недоволното испитување за оваа билка, не би препорачал да се користи во подолг период. Рецепти:
Чај: 2-3 ливчиња се ставаат со 1 филџан ладна вода, се загрева и се остава да испари половина од течноста. Се процедува и се пие по 3 шолји на ден. Кај проблеми со гастритис, чир на желудникот и дванаесетпалечно црево. Се пие 2 недели па 1 недела пауза.
Тинктура за спортски повреди: Во едно шише се реди односно лесно се наполнува со листот од оваа билка. Се налева со ракија до врв (да ги покрива листовите). Се остава 21 ден. Не се процедува, туку при повреда се земаат листовите, се ставаат на местото и се превива со завој, се спие со облогата преку вечер. Се повторува по потреба.
Кај чир надворешно или за извлекување на страни тела: Се лупи надворешно горниот дел на ливчето. Се става на местото па потоа се превива и фиксира со завој. Се остава преку ноќ како облога. Се повторува по потреба. Извлекува спица, дрвце, трнче, срча мала и се разбира гној.
За чистење на маснотии во крвта, замастен црн дроб и чистење на организмот: 50 г лист се меле и се меша со 100 мл јогурт. Секое утро на гладно се јаде целата содржина, 30 мин пред оброк во период од 10 дена. После 10 дена се прави пауза од 7 дена и по потреба се повторува.
Паралелно мора и проверка на лекар до каде е состојбата, односно проверката се прави после првата доза. Кај гастритис, проблеми со чир на желудникот или дванаесетпалечно црево: На гладно се јадат 2 ливчиња од дебелата кока (ова е ако не сакате да варите чај).