Освежителна торта сладолед која освен што прекрасно изгледа, има и преубав вкус. Ќе уживате во неа!
Потребни состојки: 1 литар млеко, 300 г шеќер, 2 ванилин шеќер, 500 г шлаг (во прав), 300 мл газирана вода, 200-300 г ореви, 250 г млечно чоколадо (милка или по вкус), 200 г плазма, 40 г желатин (4 кесички и малку вода). Колачот се приготвува во плех со димензии 36х26 см
Постапка: млекото заедно со шеќерот и ванилин шеќерот ставете ги на оган, па откако ќе зоврие мешајте и варете уште 5 минути за да се растопи убаво шеќерот. Потоа тргнете го на страна и оставете да излади.
Шлагот кој можете да го купите и на мерење од продавниците за здрава храна, изматете го заедно со газираната вода. Миксајте додека да добиете цврст шлаг.
Желатинот од кесичките измешајте го со малку млака вода според упатството и оставете го да набубри. Потоа растопете го на пареа и додајте го во млекото. Промешајте убаво за да се раствори во млекото, а потоа оставете да згусне исто како пудинг или гриз.
Изматениот шлаг постепено додавајте го во згуснатото млеко и изматете со миксер. Кога ќе целосно ќе ги соедините двете смеси (шлагот и желтинозното млеко), добиениот крем поделете го на три еднакви делови.
Во првиот дел додајте мелена плазма и промешајте да се изедначи. Во вториот дел додајте мелени ореви или лешници по избор, а во третиот дел додајте растопено млечно чоколадо (исто така, по ваш ибор). Какво чоколадо ќе употребите, таков ќе биде вкусот на овој крем.
Плехот убаво обложете го со проѕирна фолија од сите страни. Прво ставете фил од плазма, па фил од чоколадо и на крај фил од ореви.
Израмнете убаво и тортата ставете ја преку цела ноќ во фрижидер. Следниот ден превртете ја врз тацна и отстранете ја фолијата. Одозгора украсете ја по желба, сечете и послужете. Деталите можете да ги погледнете во видеото: