Фото и рецепт: Верче Илиоска – Солено печиво со спанаќ, брзо се приготвува а вкусот му е фантастичен! Може да се приготвува за појадок или вечера, а може да го замени и главниот оброк. Многу лесно се приготвува, па кога немате многу време, а ви се јаде нешто вкусно, тогаш овој рецепт е вистинскиот за вас. Еве што ќе ви биде потребно.
Потребни состојки: 4 јајца, ½ лажичка сол, 100 мл масло, 200 мл јогурт, 10 лажици брашно, 10 лажици палента, 1 прашок за печиво, 200-250 г сирење и 150-200 г исчистен спанаќ свеж, не обарен. Наместо спанаќ може да додадете блитва, зеље или нешто друго што имате.
Постапка: Изматете ги јајцата со половина лажиче сол, да станат пенасти. Додадете масло и продолжете со матење. Потоа додадете јогурт, па промешуваме и додаваме брашно, палента, прашок за печиво и мешаме да се изедначи смесата.
На крај го додаваме спанаќот претходно измиен и исечкан на ленти и сирење крупно издробено, да се познава повеќе. Спанаќот нема потреба да го бланширате претходно, ниту да го варите, доволно е добро да го измиете, да ги исечкате и со малку сол да го истискате со рацете за да омекне уште повеќе.
Мешаме убаво да се изедначи и смесата ја излеваме во правоаголен калап претходно обложен со хартија за печење. Печеме во претходно добро загреана рерна на 180 степени околу 40 минути или додека да зарумени, во зависност од вашата рерна. Се послужува со јогурт или кисела павлака.
Фото и рецепт: Верче Илиоска/ coolinarika.com