Еволуцијата на коронавирусите и како да се заштитиме од нив

Како се појави овој вирус?

Во последниве денови до сите нас стигнаа информациите за неодамнешните случаи на пневмонија предизвиканa од нов вид на betacoronavirus, новиот 2019 coronavirus (2019-nCoV) најпрво откриен во Вухан (Кина).

Во првичното испитување на 41 пациент примени до 3 јануари 2020, како чести симптоми во почетната фаза на инфекцијата биле забележани:

-фебрилност (зголемена телесна температура и треска),
-кашлица,
-мијалгија (болка во мускули) и
-замор, а симптоми кои поретко се манифестирале биле:

-лачење на спутум,
-главоболка,
-хемоптиза (искашлување на крв) и
-дијареа.

До осмиот ден по заразувањето, кај половина од пациентите се појавила и диспнеа (недостаток на здив), а околу 60% од пациентите имале и лимфопенија (ниска концентрација на лимфоцити).

Кај сите пациенти болеста се манифестирала со пневмонија и промени во снимките на градниот кош. Како последица на инфекцијата може да се појават и компликации какошто се акутен респираторен дистрес синдром (анг. acute respiratory distress syndrome, ARDS), RNAaemia (слично на viraemia – позитивен PCR наод во плазма), акутен инфаркт, како и секундарни инфекции.

Коронавирусите се инаку инкапсулирани несегментирани РНК вируси со позитивна нишка кои припаѓаат на фамилијата Coronaviridae и инфицираат луѓе и други цицачи.

Повеќето видови на човечки коронавируси меѓу кои и нам познатите (hCoV-229E, OC43, NL63 и HKU1) предизвикуваат благи респираторни заболувања, а истите ги детектираме во нашата лабораторија во склоп на панелот за 33 респираторни патогени.

Досега познати фатални видови на коронавируси во последните две децении се Severe Acute Respiratory Syndrome Coronavirus (SARS-CoV) и Middle East Respiratory Syndrome Coronavirus (MERS-CoV) причинители на преку 10000 случаи, од кои 10% завршиле фатално. Овие коронавируси најпрвин причинувале инфекции кај лилјаци, но подоцна измутирале и почнале да инфицираат и луѓе користејќи го човечкиот ACE2 рецептор за транмисија.

Човек-човек трансмисијата на овие два вида се случува преку аеросоли (капки), директен допир и  допир на површини заразени со вирусот, такашто трансмисијата на 2019-nCoV веројатно е слична.

Новиот коронавирус 2019-nCoV е различен од досегашниве познати видови на коронавируси и за првпат е изолиран во декември 2019 година во Вухан, Кина. Истиот е идентификуван со напредна генерација на секвенционирање (анг. Next Generation Sequencing, NGS) и е анализиран со длабока покриеност (deep-sequencing analysis).

Здравствените работници се сè повеќе изложени на евентуална инфекција со вирусот, па за нив и се препорачуваат дополнителни превентивни мерки, како носење на маски со N95 филтер и дополнителна опрема за лична заштита.

Ова се настаните поврзани со појавата на вирусот, хронолошки подредени и објавени од страна на Светската Здравствена Организиција (СЗО):

  • 31 декември 2019 – преставништвото на СЗО во Кина, ги репортира првите случаи на пневмонија со непозната етилогија, детектирани во Вухан, Кина
  • 31 декември – 3 јануари –до СЗО се репортирани 44 случаи на пневмонија со непозната етилогија од страна на националните авторитети во Кина (причинител – неидентификуван)
  • На 11 и 12 јануари – СЗО е известена од страна на националната здравствена комисија во Кина дека избивот на пневмонијата го поврзуваат со маркет за морска храна во Вухан, Кина
  • Кинеските власти идентификуваат нов коронавирус изолиран на 7 јануари 2020
  • На 12 јануари споделена е секвенцата на новиот вирус со другите земји со цел развивање на дијагностички китови
  • До 28 јануари потврдени се 4593 случаи глобално (14 земји), од кои 4537 во Кина, 976 сериозни случаи и 106 смртни случаи.

Препораките за лична заштита од инфекција со новиот 2019-nCoV коронавирус се следниве:

  • Често миење на раце со дезинфициенси врз база на алкохол или пак со сапун и вода
  • При кашлање или кивање, покривајте ја устата со внатрешната страна на свиткан лакт или пак со марамче кое веднаш ќе се фрли после употреба, се’ тоа проследено со миење или дезинфекција на раце
  • Избегнувајте близок контакт со секој кој има треска или кашлица
  • Доколку имате треска, кашлица или потешкотии со дишењето, побарајте медицинска помош што е можно порано и споделете ja вашата медицинска историја со лекарот
  • При посета на живинарски пазари во региони моментално зафатени со случаи на инфекции со новиот коронавирус, избегнувајте директен контакт со животни и површини кои биле во контакт со животни
  • Избегнувајте да консумирате незготвени или недоволно зготвени животински производи; свежото месо, млекото или други животински продукти треба да се третираат внимателно, со цел да се спречи вкрстена контаминација на свежа храна

Извори:

За повеќе информации контактирајте ја Лабораторијата за Генетика и Персонализирана медицина на Zan Mitrev Clinic на тел : 02- 3104 – 921 или на 070 – 285 – 751