Фото и рецепт: Гагахерц

Рецептот го видов во емисијата Храна и вино, и воопшто не згрешив што го направив. Воодушевени сме и од вкусот и од мирисот.

Потребни состојки: 4 јајца, 100 г шеќер во прав, 150 г путер, 2 лажици какао, 1 прашок за печиво, 3 лажици брашно и 150 г мелени ореви. За фил: 200 г џем од праски, 150 г мелени ореви, 150 г шеќер во прав, 2 ванилин шеќер, 50 мл рум, 200 г чоколадо за готвење и 3 лажици масло

Постапка: Одвојте ги белките од жолчките. Јајцата треба да бидат отстојани на собна темпеартура барем еден час претходно. Од белките со миксер изматете цврст снег. Во садот со жолчките додадете путер и шеќер во прав, па со миксер изматете за да се добие пенаста маса.

Кога ќе добиете крематозна, мазна смеса, постепено започнете да ги додавате сувите состојки (брашно, прашок за печиво, ореви и какао), па со шпатула или лажица соединете. На крај додадете го и снегот од белки, па со лесно превртување мешајте додека убаво да се соедини.

Правоаголен плех или тепсија 32х20 см намастете со малку масло и набрашнетего, а вишокот брашно истресете го. Потоа во него рамномерно излејте ја смесата и израмнете. Печете 30 минути во загреана рерна на 180 степени. Печената кора изладете ја.

Во садот со мелени ореви додадете шеќер во прав, ванилин шеќер и рум. Убаво промешајте со лажица за да се изедначат состојките. Изладеното тесто премачкјате го со џем од праски и одозгора нанесете го филот од ореви. Со раце натапкајте одозгора за да се залепи оревот.

Чоколадото со маслото растопете го во микробранова печка или на пареа, промешајте и рамномерно премачкјате преку колачот. Изладениот колач сечете го со загреан нож на коцки: Прво ножот ставете го под млаз врела вода од чешма или сад со врела вода, па избришете го, па сечете. И така секое засекување за да ви биде прецизно и рамно.

Исечените коцки наредете ги на тацна, декорирајте ги по желба и послужете ги. Ние уживавме во овој колач со попладневното кафе и десертно вино.