Многу вкусна торта која ја приготвувале нашите баби и мајки со состојки кои и денес ги има.
Потребни состојки:
3 јајца
190 г шеќер
4,5 лажици врела вода
4,5 лажици масло
120 г брашно
150 г мелени ореви
1 лажичка прашок за печиво
За карамел крем:
500 мл млеко
8 лажици остро брашно
340 г шеќер
30 г путер
30-50 г чоколадо
Постапка:
Јајцата добро изматете ги со шеќерот додека да побелат (10-тина минути со миксер). Додадете масло и врела вода и уште малку матете.
Додадете брашно помешано со прашок за печиво и ореви. Мешајте со лажица со лесно превртување, за да остане смесата пенлива.
Добиената смеса излејте ја во намастен и набрашнет калап со пречник 20 см и печете 40 минути во загреана рерна на 180 степени.
Готовата кора извадете ја на решетка да излади, па пресечете ја на три делови. Корите можете и посебно да ги печите, само поделете ја смесата на три еднакви делови.
За крем:
Одземете малку од млекото за да го разматите со брашното, а преостанатото ставете го да зоврие, па сварете го како пудинг.
Мешајте со жица околу 5 минути за да се згусне убаво кремот. Може веднаш со миксер да се мати, а може и кога ќе го тргнете садот на страна. Кога кремот до е половина сварен, во друг сад ставете го шеќерот да се топи на тивок оган.
Во растопениот и карамелизиран шеќер постепено додадете го кремот со млекото и сето заедно на тивок оган промешајте го за да се изедначи, а шеќерот целосно да се растопи.
На крај додадете го путерот исечкан на парчиња и чоколадото искршено на коцки, па мешајте додека и тое да се растопат и соединат во смесата.
Корите се филуваат со изладениот карамел-крем, се премачкува целата торта одозгора и од страна, па се декорира по желба.
Порано ја декорирале целата торта со мелени и цели плодови од орев. Пред послужување потребно е тортата да излади неколку часа во фрижидер.