Фото: Јасмина Миленковиќ
Ви претставуваме три рецепт за овој интересен и вкусен ролат од обланда.
РЕЦЕПТ 1
Потребни состојки:
200 г шеќер
200 г мелени бисквити
200 г мелени ореви
125 г маргарин/путер
200 мл млеко
2 листа обланди
10 чоко-бананчиња
Постапка:
Најпрво натопете 4 крпи, раширете ги една покрај друга. Ставете една кора обланда врз крпата, прекријте ја со друга крпа, а истото направете го и со другата, но гледајте страната со дупчиња да биде свртена кон нагоре. Вака нека отстојат за да омекнат додека го приготвувате филот.
Во тенџере ставете 200 мл млеко со 200 г шеќер да проврие, па тргнете на страна и додадете ги мелените бисквити и ореви и промешајте да се изедначи. Додадете го путерот исечкан на листови и мешајте додека и тој да се растопи и соедини со смесата.
Премачкувајте ги обландите, но не до крај. Оставајте 2 см ненамачкан дел (на почетокот од обландата) на кој ќе ги наредите чоко-бананчињата, на кои претходно сте им ги засекле врвовите од едната и од другата страна. Редете ги така што дебелиот дел ќе се спојува со друг дебел дел, а потенкиот со потенок дел (за да нема прекини и нерамнини).
Свиткајте го ролатот во фолија и оставете го во фрижидер да се стегне. На една обланда одат 5 бананчиња.
РЕЦЕПТ 2
Потребни состојки:
1 јајце
100 г шеќер
100 г путер/маргарин
100 г чоколадо
100 г мелени бисквити
1 кора од обланда
8 крем банани
Постапка:
Изматете го јајцете со 100 г шеќер и сварете го на пареа со постојано мешање. Во тенџере растопете го путерот со чоколадото, па додадете го изматеното јајце и матете додека да се изедначи. Не смее да зоврие. Тргнете од оган и додадете 100 г мелени бисквити, промешајте и премачкајте ја претходно омекнатата обланда во мокра крпа. Крам бананите редете ги две по две свртени една кон друга и свиткајте го ролатот. Откако ќе излади во фрижидер, сечете и послужете.
РЕЦЕПТ 3
Потребни состојки:
1 пакување обланди
20 крем бананчиња
500 мл млеко
6 лажици шеќер
250 г маргарин или путер
300 г мелени бисквити
300 г ореви
1 чоколадо за готвење
Постапка:
Сварете го млекото со шеќерот. Потоа додадете путер и чоколадо. Кога ќе излади додадете ги бисквитите и оревите. Обландите завиткајте ги во мокра крпа за да омекнат. Премачкајте ги со фил, наредете ги со крем банани и свиткајте во ролат. На една обланда се ставаат 4 крем бананчиња.