Фотографија и рецепт на Даница Данче Стојева

Оваа слатка погача ни ја претстави нашата драга Данче Стојева во групата НМД рецепти. Чурекот е традиционална слатка погача во Струмица и околните места од Македонија, која се приготвува со локум, ореви и суво овошје. Секој си има свој рецепт, па состојките може да варираат. Кога се приготвува овој колач потребни се желба, љубов и трпение за да излезе како што сте го замислиле.

Фотографија на Даница Данче Стојева

Овој свечен благ колач најчесто се приготвува за веридби, свадби, крштевки, слави…Процесот на приготвување на Чурекот не е брз како за обичниот леб или обичната погача. За него е потребно двојно стасување на тестото.

Начинот на приготвување е сличен на класичниот милиброд. Освен брашно и вода, содржи млеко, јајца, шеќер и секако квасец за да се замеси и стаса. По желба се додава одредена количина масло и секако ванила за арома. Може да се додаде суво грозје, локум или слатко од диви смокви.

РЕЦЕПТ 1 Потребни состојки: 1 кг брашно, 500 мл млеко, 3 јајца, 100 мл масло, 3 лажици шеќер, 1 коцка квасец претходно стасан +локум и суво грозје

Постапка: се замесува мазно и меко тесто кое се остава на топло да стасува час и пловина. Потоа се прави формата и повторно се остава да стасува час и половина. Кога ќе стаса се премачкува со една жолчка разматена со малку млеко и шеќер.

Се пече во претходно загреана рерна на 180 степени 15 минути, па се намалува на 150 степени и се покрива со хартија, уште половина час. Може да се пече и на потивко малку подолго време, на пример на 100 степени уште 35 до 45 минути.

РЕЦЕПТ 2 Потребни состојки: 500 г брашно, 1 сув квасец, 1 мало лажиче шеќер, 1 јајце и 1 белка, 80 мл масло, 2 лажици шеќер, млеко по потреба, 100 г путер за премачкување, 1 жолчка за премачкување, 2 лажици афионово семе – мак и 10-15 парчиња локум, по можност локамот да биде со ореви или фстаци

Постапка: квасецот растворете го во млака вода со малку шеќер и оставете го 10-тина минути да се активира. Брашното просејте го, па во средината направете вдлабнување во кое ќе го ставите јајцето, белката, маслото, шеќерот и стасаниот квасец.

Се додава млако млеко и се замесува мазно, меко тесто. Тестото се остава на топло да стасува околу еден час. Потоа се дели на 4 делови. Од секој дел се прави кора, не многу голема.

Откако ќе се развлече кората, се премачкува со путер па врз неа се ставаат парченца локум. Се развлекува втората кора, се става врз првата кора, па исто така, се премачкува со путер и се ставаат парченца локум. Постапката се повторува и со третата кора, а врз четвртата кора не се става ништо. Сите кори заедно се развлекуваат во една долга правогална кора.

Оттука започнувате да ја формирате по желба. Можете да ја направите со форма на класична погача или да ја направите како полжав.

За полжав: Кората се сече на ленти, но не до крај. Потоа кората се витка накосо во ролат, а ролатот се витка како полжав. Повторно се остава да стаса во намастен плех или високо тенџере за печење.

Пред печење се премачкува со жолчка, се наросува со афионово семе или по желба, и се ставаат парчиња путер. Се пече во загреана рерна на 220 степени околу 15 минути, па следните 30 минути на 180 степени.