Некогаш било привилегија исклучиво само за кралевите, а денес марципанот е достапен за сите. Доколку ги сакате тортите и колачите со овој вкус, ова е основниот рецепт за негово приготвување.
Потребни состојки за 200-250 г смеса:
100 г ситов бадем
100 г шеќер во прав
по потреба густ шеќерен раствор 1:1
малку арома на горчлив бадем
Постапка:
Бадемот ставете го во сад со врела вода и оставете го така 15 минути. Потоа процедете го и излупете му ја кафеавата лушпа. Избришете го со со сува крпа и оставете го да се суши преку цела ноќ.
Потребно е бадемот да биде целосно сув, зошто така подобро се меле. За шеќерен раствор помешајте 50 г шеќер и 50 мл вода, ставете да зоврие, а потоа тргнете на страна да излади.
Бадемот сомелете го двапати во машинка за мелење ореви, а потоа измешајте го со шеќерот во прав. Мешајте ги со лажица, а потоа мешавината ставете ја во блендер или мелница за кафе за да добиете фин прав.
Во бадемовиот прав додадете арома и само малку од растворот. Започнете да месете со рака како тесто, со долевање од растворот по потреба.
Месете додека да добиете смеса идентична на марципан. Ако смесата е малку тврда, ако се распаѓа или рони, тогаш долејте уште малку раствор. А доколку е мек или се лепи, тогаш додадете уште малку шеќер во прав.
Смесата треба да биде мазна, еднолична и да не се лепи при месењето.
Напомена: Бадемот не го мелете со помош на блендер, зошто подоцна ќе започне да испушта масло, а со тоа нема да може да се обликува и да се меси.
Бадемот исто така можете да го исушите и во рерна на 50 степени околу 10 минути или да го оставите малку подолго да се испече, па тогаш ќе добиете малку потемен марципан.