Ова е навистина еден многу фин колач кој се топи во уста.

Потребни состојки:

5 јајца
1 ванилин шеќер
150 г шеќер – или по вкус
200 мл масло
малку амарето или рум по вкус
200 г брашно
40 г какао
1 прашок за печиво

за фил:

6-7 јаболка со средна величина
100 мл вода
150 г шеќер – или по вкус (зависи од киселоста на јаболката)
3 лажици амарето или рум
100 г чоколадо
200 г путер

за прелив:

150-200 мл сок од јаболко или овошен микс

за глазура:

150 мл слатка павлака
150 г чоколадо

Постапка:

Изматете ги пенасто јајцата со шеќерот и ванилин шеќерот. Потоа додадете масло, амарето или рум, какао и брашно помешано со прашок за печиво. Полека и лесно промешајте ја смесата со лажица.

За да биде повоздушеста, можете претходно жолчките да ги изматите со шеќерот, а потоа да го додадете снегот од белки. Сосем малку се разликува во текстурата.

Добиената смеса излејте ја во намастен малку поголем плех зошто се добива доста количина, и ставете да се пече на 200 степени околу 30 минути.

Печениот колач оставете го да излади, па пресечете го на половина.

Јаболката измијте ги убаво и излупете ги, па исечкајте ги на коцки и испрскајте ги со малку лимонов сок. Измешајте ги со шеќерот и амарето или рум, па ставете на оган да се зготват додека да омекнат. Исклучете го огнот, па додаете путер исечен на коцки и искршено чоколадо. Промешајте да се растопат, па ставете во блендер убаво да се спои во каша.

Горниот дел од кората издробете го и помешајте го со кашестиот фил од јаболка.

Долната кора вратете ја во тепсијата, па прелијте ја со сок од јаболка или некој друг сок по ваш вкус. Премачкајте го одозгора филот од јаболка, па оставете на ладно да се стегне.

За глазура: загрејте ја слатката павлака на тивок оган и пред да зоврие тргнете и додадете чоколадо искршено на коцки. Промешајте а да се растопи и изедначи. Оставете неколку минути да подизлади, па прелијте ја глазурата преку колачот. Најдобро колачот да се остави преку ноќ во фрижидер и да се послужи следниот ден.