Фотографија и рецепт на Нермина Јордамовиќ – Многу вкусен и неодолив колач кој нашироко е познат и популарен по името “Срнечки грб”.

Потребни состојки: 4 јајца, 140 г шеќер во прав, 140 г путер или маргарин, 100 г чоколадо за готвење, 3 лажици какао, 70 г брашно, 100 г мелени ореви, ½ прашок за печиво и малку арома од рум кој сака, по желба

За фил: џем од кајсии, сечкани ореви. За глазура: 100 г чоколадо за готвење, 40 г путер или маргарин, 2 лажици масло и 2 лажици млеко

Постапка: Омекнатиот путер на собна температура изматете го пенасто со шеќерот во прав. Додавајте ги една по една жолчките и продолжете со матење. Потоа додадете го растопеното чоколадо.

Во друг сад измешајте ги брашното, какаото, оревите и половина кесичка прашок за печиво. Сувите состојки додадете ги во смесата со путерот. Потоа со лажица додадете изматен снег од 4 белки. Мешајте полека со превртување за да остане смесата пенлива.

Калапот за “Срнечки грб” намастете го и набрашнете го, па излејте ја смесата во него. Ставете да се пече околу 40 минути во претходно загреана рерна на 185 степени.

Печениот колач оставете да излади, па префрлете го на тацна и пресечете го на половина по должина. Долната половина премачкајте ја со џем од кајсии и наросете сечкани ореви. Преклопете со другата половина.

На најтивок оган или на пареа растопете путер, чоколадо и млеко. Тргнете од оган и додадете масло, па измешајте добро за да добиете сјајна глазура. Глазурата оставете ја 15-тина минути малку да подизлади, па нанесете ја врз колачот. Ако ја нанесете веднаш кога е топла, може да истече и да капе од колачот. По желба ако сакате одозгора наросете чоколадни трошки, но не мора.

Фотографија и рецепт на Нермина Јордамовиќ