Минатата година ми беше отстрането дебелото црево. Толку многу се воспали и беше полно со чиреви, што ако почекав само уште половина час наместо да одам во болница, ќе експлодираше во моето тело и ќе умрев. Сега имам стома која секогаш ја носам со себе на моето тело.
Со која дијагноза бев? Улцерозен колитис, еден вид невидлива болест. Знаете што ми беше најтешко? Не беше тоа ниту операцијата, ниту постоперативниот период, туку тоа што никој не сакаше да ме сослуша кога им говорев дека не се чувствувам добро.
Со години се мачев со страшни грчеви и ректални крвавења, а лекарите тоа им го препишуваа на “женски” проблеми иако крвта ми течеше од ректумот.
Ми велеа да јадам повеќе банани и слични глупости. Бев беспомошна и очајна. Не беа во прашање само лекарите, туку и моите најблиски! Ми велеа дека измислувам и дека претерувам. Редовно ми набројуваа кој сè се чувствувал полошо од мене и кој бил вистински болен и во полоша состојба од мојата.
Ете така ми беше мене, а така им е и на сите кои боледуваат од невидливи болести. Луѓето не веруваат дека ви е лошо, освен ако тоа не им го покажете на вашето тело.
Цревата буквално ми се распаѓаа во телото, а сите ми говореа дека немам право да користам тоалет за инвалиди бидејќи не ми е “ништо”.
Кога стомата би ја носела преку облеката наместо под неа, дали тогаш исто ќе ми говорат дека не ми е ништо? Нема сигурно, бидејќи тогаш ќе гледаат директно во мојата болест.
Невидливите болести се вистински, како и сите други. Ова не е натпревар и не треба кај болните да се мери на кој му е полошо и кој е во полоша положба. Но, замислете да сте во агонија од болка секој ден, а луѓето превртуваат со очите кога ќе ги замолите за помош. Не ви веруваат бидејќи кај вас не гледаат ништо лошо што е видливо.
Затоа само сакам да кажам – не ги отфрлајте веднаш тврдењата дека луѓето се болни доколку не ги гледате симптомите. Помогнете им. Само замислете дека сте во нивна состојба и ќе сфатите колку е важно да се помогне без прашања и без предрасуди.