Брзо и лесно: Тутри со сирење, вкусни меки печива

Ова се лепчиња меки како душа полнети со сирење. Првиот рецепт на Тања е за помала доза, постапката е едноставна, и сирењето се става во горно вдлабнување на топчето. Вториот рецепт е поголема доза од 1 кг брашно од чие тесто половина се валкаат во белка и сусам, а втората половина во жолчка и ким, а сирењето се става внатре во лепчето.

Фото и рецепт: Тања Докузова

Потребни состојки за помала доза:

½ квасец
½ лажиче сол
½ лажиче шеќер
2 лажици масло
околу 500 г брашно
околу 250 мл млака вода

Постапка:

Се замесува тесто со половина квасец,  малку сол и шеќер, две лажици масло и брашно колку ќе прими… се замесува со млака вода и кога ќе стаса се прават топчиња кои се редат во плех обложен со хартија за печење.

Тутри со сирење (Фото и рецепт: Тања Докузова)

Во средина на секое топче се става по парче сирење но се притиска за да се направи вдлабнување. Се оставаат повторно да стасаат, се додава по малку путер или маргарин врз секое топче и се печат…

ТУТРИ СО СИРЕЊЕ

Потребни состојки:

1-1,200 кг брашно по потреба
500 мл јогурт
200 мл масло
40 г свеж квасец
1 кесичка сув квасец
1 лажичка оцет
2 лажички шеќер
3 лажички сол
200 г сирење

За премачкување и поросување:

2 јајца
100 г сусам
1 кесичка ким

Постапка:

Се загрева малку јогуртот да биде млак, па во него се ставаат двата квасца: и сувиот и свежиот, па добро промешауваме за да се растворат. Во јогуртот ги додаваме и сите останати состојки, па со брашното се замесува убаво мазно и меко тесто кое се остава околу еден час да ја удвои својата величина.

Од тестото се кинат топчиња. Секое топче се расплескува и се полни со сирење, па потоа се затвора. Топчето се натопува или премачкува со белка па во сусам и се реди во плех обложен со хартија со затворениот дел надолу.

Половина од топчињата се натопуваат во белка и сусам, а втората половина во жолчка и ким. Се печат на 220 степени околу 20-тина минути.

Излегуваат меки како душа, со крцкава коричка, а внатре меки и вкусни.

Loading...