Одлична роденденска торта или за пригода во која треба да се послужат повеќе луѓе. Тортата е вкусна и освежителна.

Потребни се три кори за тортата, а во рецептот се дадени состојките потребни за една кора. Ако ова ви е голема торта, според потребите соодветно намалете ги состојките и направете помала торта.

Потребни состојки:

7 белки
250 г шеќер
100 г мелени ореви
2 лажици брашно

За жолт фил:

21 жолчки
2 цели јајца
25 лажици шеќер
500 г путер/маргарин
100 г шеќер во прав
300 г мелени бисквити

За бел фил:

400 мл слатка павлака
2 чаши кисела павлака
И уште: 1 кг малини (исцедени)

Постапка:

За кора: пригответе го плехот со димензии 45х35 см и обложете го со хартија. Рерната загрејте ја на 180 степени. Во една чинија измешајте ги оревите и брашното.

Белките изматете ги пенасто со постепено додавање на шеќерот. Потоа додајте ги оревите и брашното. Полека промешајте и смесата излејте ја во плех и печете 15 минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Постапката повторете ја уште двапати за да добиете три кори.

За жолт фил: со миксер пенасто изматете ги жолчките, целите јајца и шеќерот додека смесата да згусне. Префрлете ја смесата во тенџере и сварете го филот на пареа.

Кога филот ќе се олади, изматете го путерот пенасто со шеќер во прав, па соединете го со филот. Во филот додајте мелени бисквити и целата содржина добро измешајте ја.

За бел фил: изматете ја слатката павлака, па во неа додајте ја киселата павлака.

Филување: кора-жолт фил – бел фил- малини…

Најдобро е да се приготви тортата ден-два пред послужување, за добро да се стегне и излади.