Звучи неверојатно, но со малку труд и сами ќе се уверите дека од само три состојки можете да направите фантастична, мека, превкусна а лесна торта.

Потребни состојки:

3 јајца
120 г бело чоколадо
120 г несолено крем сирење на собна температура
За украсување:
Шеќер во прав, бобинки или друго овошје, џем…

Постапка:

Одвојте ги жолчките од белките. Неизматените белки оставете ги во фрижидер, а рерната вклучете ја на 170 степени (да се загрева додека вие ја приготвувате смесата).

Искршете го белото чоколадо на парчиња и растопете го на водена пареа. Оставете малку да подизлади, а потоа додека уште е течно помешајте го со крем сирењето кое претходно сте го оставиле на собна температура (ако крем сирењето е ладно, чоколадото веднаш ќе се стврдне).

Додадете ги жолчките и сето убаво измешајте го за да се соедини.

Сега посебно изматете ги белките додека да добиете цврст снег. Снегот од белки измешајте го со смесата од жолчки и сирење, но полека и внимателно за да остане целата смеса воздушеста.

Вака подготвената смеса излејте ја во калап (15 см) претходно намастена со кокосово масло или путер. Неколку пати протресете го калапот за да излезат евентуални меурчиња од воздух, за да не испука колачот во текот на печењето.

Плехот ставете го во поголема тепсија која ќе ја наполните со врела вода. Испарувањето на водата околу колачот додека тој се пече, исто така ќе влијае врз неговата мекост. Печете точно 15 минути на 170 степени, а потоа 15 минути на 160 степени, а потоа исклучете ја рерната и оставете го колачот да стои во рерната уште 15 минути.

Кога готовата торта целосно ќе излади, украсете ја со шеќер во прав, со стапчиња од ванила, џем по избор или свежи бобинки.

Овој едноставен десерт е здрава варијанта со оглед на тоа што не содржи брашно ниту премногу шеќер и масти. Едно парче има само 230 калории, а со свежо овошје оваа едноставна торта ќе биде ваш летен полн погодок!