Ултра сочна, ултра мека, со парчиња кокос…божествена!

Потребни состојки: 6 јајца на собна температура, 250 г темно чоколадо, 125 г путер на собна температура, 150 г шеќер, 4 лажици брашно, 2 лажички прашок за печиво и 75 г кокосово брашно

За чоколаден прелив: 250 г темно чоколадо, 170 мл слатка павлака (со млечни масти, може Дукат) и 1 лажичка екстракт од ванила. Постапка: Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Растопете го чоколадото на пареа, додадете го омекнатиот путер и шеќерот.

Потоа добро промешајте за да се соединат и оставете малку да излади. Одвојте ги белките од жолчките. Во чоколадната смеса додадете ги жолчките, една по една со постојано миксање. На најмала брзина додадете ги брашното и прашокот за печиво.

Од белките изматете цврст снег, па и тој полека додадете го во чоколадната смеса. Внимателно вмешајте го и коковото брашно. Калапот за торта намастете го и на дното ставете хартија за печење. Излејте ја смесата и ставете ја во рерна. Веднаш намалете ја температурата на 120 степени.

После 15 минути, намалете ја температурата на 100 степени и печете 1 час (вкупно време на печење изнесува околу 1:15 -1:25). Тортата треба да биде печена, но многу е мека и сочна одвнатре, па вие подесете го времето за печење според вашата рерна.

Проверете со чепкалка за заби во средината од тортата – на чепкалката мора да има неколку влажни трошки, но не смее да има течна смеса. Извадете го колачот од рерна, оставете да излади целосно, пред да го извадите од калап. Послужете со чоколаден прелив.

За чоколаден прелив: загрејте ја слатката павлака, па пред да зоврие прелијте ја врз искршено чоколадо и оставете да отстои една минута. Потоа сето заедно изматете додека чоколадото да се растопи, а смесата да стане мазна. Додадете екстракт од ванила и промешајте. Оставете малку да излади и згусне, околу 10 минути.

Калапот на тортата е 22 см, а може и 24 см, но во тој случај ќе го скратитет малку времето на печење. Тортата оставете ја целосно да излади во калапот, зошто ако ја извадите претходно може да ви се распадне.