Ова беше еден мал експеримент кој на сечие задоволство ми успеа и сите уживавме во ова јадење.
Потребни состојки: 700 г компир, 50 г путер, по потреба млеко, 2 жолчки. За фил: 250 г мелено месо, 250 г печурки, 2 големи црвени домати, 1 главица кромид, масло за пржење, 1 лажица сечкан магдонос, 50 мл бело вино и 50 г рендан кашкавал
Постапка: Компирите излупете ги и исечете ги на коцки, па сварете ги во солена вода. Исцедете, додадете путер и млеко, па направете цврсто, густо пире. Кога пирето малку ќе излади додадете ги жолчките и добро промешајте.
На масло пропржете го сечканиот кромид па додадете мелено месо, а потоа и печурките. Кога течноста од печурките малку ќе испари додадете излупени и на коцки исечкани домати.
Зачинете со сол, сув зачин, црн пипер и продолжете со динстање. Пред крај на готвењето залијте вино и додадете сечкан магдонос.
Во намастен плех обликувајте гнезда од пире. Со лажица формирајте вдлабнатина во средината која ќе ја исполнувате со филот од мелено месо. Одозгора наросете рендан кашкавал.
Печете во рерна на температура од 180 степени 15 до 20 минути.