Интегралното брашно сите го препорачуваат бидејќи е здраво, а кефирот е исто така здрав, но потоа доаѓаат печеницата и полномасното сирење кои се одлични, ама оние со висок холестерол треба да ги одбегнуваат. Но потоа одозгора наросувате ленено семе кое го симнува холестеролот…

Затоа моите мафини ги нареков „Кобајаги“ здрави мафини. Инаку ако ставите немасно сирење и мисиркина печеница, веќе нема да бидат „кобајаги“. Според мене не постои нездрава храна, ако не претераш со неа…

Потребни состојки:

50 г печеница
50 г сирење или кашкавал
2 јајца
150 мл кефир
250 г брашно (2/3 интегрално, 1/3 бело)
1 прашок за печиво
100 мл масло
Сол, мелено ленено семе, мешавина билки

Постапка:

Печеницата ситно исечкајте ја, кашкавалот исто така (ако користите сирење издробете го) и измешајте. Од белките изматете снег со трошка сол и оставете на страна.

Жолчките измешајте ги со смесата од сирење и печеница, додадете масло и кефир наизменично со постојано мешање.

Брашното помешајте го со прашок за печиво па постепено додавајте го во смесата од жолчки. Со шпатула додавајте го снегот од белки, па со рака измешајте, и додадете зачинки билки по вкус.

Полнете ги калапите за мафини со 2/3, наросете одозгора мелено ленено семе, па ставете во загреана рерна на 180 степени. После 15 минути јас вртам на вентилатор и печам уште 10 минути, а вие како сакате. Добив 14 мафини од оваа количина.