Фото и рецепт: Дијана Дија
Потребни состојки:
1 кг просеано брашно + уште малку за замесување
1 лажичка сол
1,5 коцка свеж квасец
300 мл топло млеко
4 лажици кисела павлака
4 жолчки
3 цели јајца
250 г шеќер
4 ванилин шеќер
1 лимон и портокал –кора рендана
2 лажици рум
2 лажици крушкова ракија
200 г растопен путер 50 мл масло
Постапка:
Просторијата во која ќе го замесувате тестото потребно е да биде затоплена. Состојките треба да бидат на собна температура. Брашното просејте го. Состојките не би требало да се матат со миксер, но јас сите теста ги замесувам со специјален миксер за тесто.
Во средината на просеаното брашно ставете шеќер и издробете го квасецот, па налејте топло млеко и оставете квасецот да се активира. Потоа додадете јајца, кисела павлака, аромите освен путерот и маслото. Од наведените состојки добро замесете го тестото додека да стане мазно, најмалку 10 минути.
Оставете на топло додека да го удвои волуменот за околу 60-70 минути. Кога ќе биде стасано тестото додадете му го растопениот путер помешан со маслото и малку брашно, па добро измесете. Растопениот путер можете да му го додадете и на почетокот пред првото стасување, но ова е добар трик за тешки теста во кои има доста шеќер и јајца. Најдобро е мастите да се додаваат при второто премесување.
При второто премесување откако тестото се удвоило, формирајте 3-4 топки и ставете ги на хартија за печење, па оставете ги повторно да киснат. После 30-тина минути засечете ги со ножици малку подлабоко и оставете ги уште 10 минути.
Премачкајте ги надворешните рабови со јајце но не и средината. Наросете со шеќер и ставете да се пече 30-35 минути на 180 степени во претходно загреана рерна. Штом почнат да заруменуваат прекријте ги со алу-фолија и продолжете да ги печете до крај. Многу е важно да не ги препечете бидејќи ви се пресушат, па затоа проверете со чепкалка.
Можете и да ги ставите да се печат 15 минути, па потоа да ги премачкате со јајце и да ги наросите со шеќер, па потоа да намалите на 150 степени и да ги печете уште 20 минути. Важно е да проверите со чепкалка дали лепчињата се готови.