Многу декоративни, многу вкусни солени шубари!

Потребни состојки:

1,5 пакување леб тост (сечен леб со вкус на путер)
250 г варено пилешко бело месо
25 г сува брусница
25 г индиски орев
50 г праз
95 мл мајонез (1 кесичка)
100 мл кисела павлака
1 лажичка сенф
Малку сол, малку црн пипер

За валкање на шубарите:

300 мл кисела павлака
50 г кашкавал
50 г несолени кикирики

Постапка:

Од лебот со модла извадете 30 кругови (3-4 см), така што од едно лепче можете да извадите до два круга.

Остатокот од лебот што ќе остане можете да го пресушите во рерна, потоа да ги сомелите и да добиете превкусна презла.

Вареното пилешко месо исечкајте го на ситни коцкички. Брусниците прелијте ги со врела вода и оставете да набубрат. После 10 минути исцедете ја водата и брусниците исечкајте ги ситно, а исто и индискиот орев искршете го ситно. Празот измијте го и исечкајте го колку можете поситно.

Во еден сад со виљушка измешајте мајонез, павлака и сенф. Во изматената смеса додадете исечкано варено пилешко месо, брусниците и индискиот орев. Добро измешајте и додадете малку сол и мелен црн пипер, па добро промешајте.

Кашкавалот ситно изрендајте го на ренде, а кикириките сомелете ги на машина за ореви. Во чинија ставете малку од ренданиот кашкавал и мелените кикирики.
Врз 15 кругови ставете по едно лажиче фил. Преклопете со друго кругче и лесно притиснете.

Секоја шубара од страна премачкајте ја со кисела павлака. На крај премачкајте го и горниот круг и извалкате ја во мешавината од рендан кашкавал ид мелени кикирики, па редете во корпички за мафини. Украсете по желба.

Напомена: шубарите можете да ги филувате и со руска салата или со фил по ваш избор, постапката е иста. Многу се декоративни и вкусни, па можат да послужат и како предјадење. Може да користите готов тост-леб, но можете и сами да си испечете кора, по желба.