Благодарение на јагодите кои ги имам во двор, секоја година правам сируп кој сите многу го сакаме. Но, како зреат јагодите постепено ги берам зрелите плодови и ги замрзнувам.

При крај на есента или на почеток од зимата од тие смрзнати јагоди го правам сирупот, по овој многу едноставен рецепт, кој е потсетник, дека зимницата може да се приготвува и на овој начин. По истиот рецепт се прави и сируп од свежи јагоди и се надевам дека некому корисно ќе му послужи.

Потребни состојки:

-по желба смрзнати или свежи јагоди

-на 1 кг јагоди оди 500-700 мл вода

-на 1 литар цеден сок оди 750 г шеќер

Постапка:

Смрзнатите јагоди ставете да се варат на оган со одредена количина вода во однос на количината јагоди, па варете додека јагодите да почнат да се распаѓаат. Иста постапка има и доколку се користат свежи јагоди кои треба да се измијат и малку да се просушат (тоа истото се прави и пред замрзнување).

Сварените јагоди ставете ги во газа да се цедат од 12 до 24 часови.

Исцедениот сок ставете го повторно да се готви и со мешање постепено додавајте шеќер. За време на варењето тргајте ја пената а кога ќе нема веќе пена, тоа значи дека варењето е завршено.

Во врела рерна, на температура од 100-110 степени, загрејте измиени и исцедени шишиња и кога се врели складирајте го во нив сирупот. Полните шишиња веднаш затворајте ги со капак, претходно натопен со алкохол.

Полните шишиња оставете да изладат целосно, па наредете ги во длабок лонец на чие дно сте ставиле кујнска крпа, внимавајќи притоа шишињата меѓусебно да не се допираат. Садот наполнете го со вода во висина од 2-3 см од висина на шишињата и загревајте на оган на тивко додека водата да почне да зоврива. Така оставете 10-тина минути.

Шишињата оставете ги во водата додека целосно да изладат. Вака приготвениот сируп може да стои на ладно и темно место неколку години без да се расипе. Има фантастичен вкус, многу убав мирис, а може да се користи како сок на растворање, како прелив за пудинг, колачи, сладолед, торти…