Home Торта Совршена торта со ореви…Кралица на сите торти

Совршена торта со ореви…Кралица на сите торти

Совршена торта со ореви

Оваа класична торта со ореви е вистински скапоцен камен – нежни кори со интензивен вкус на орев, богат кремаст фил од попарени ореви и путер, освежена со сок од лимон и декорирана со кремаст прелив од шлаг и нутела.

Совршена за семејни прослави или кога сакате да ги разгалите најмилите со нешто домашно и неодоливо, пишува НМД. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки

За корите (4 кори):
12 јајца
12 лажици шеќер
12 лажици мелени ореви
6 лажици брашно
1 рендана кора од лимон
НМД

За филот:
250 г маргарин (на собна температура)
200 г шеќер во прав
100 мл врело млеко
250 г мелени ореви
500 г шлаг
500 мл газирана вода со вкус на лимон
2 полни лажици нутела
сок од 1 лимон

Постапка

Подготовка на корите:
Јајцата се матат со миксер додека да запенат, па постепено се додава шеќерот и се мати уште неколку минути додека смесата стане густа и светла.

Брашното се меша со мелените ореви и ренданата кора од лимон. Брзината на миксерот се намалува на најниско ниво и внимателно се додава смесата од ореви и брашно.

Тестото се истура во голем правоаголен плех (приближно 48 × 38 см) обложен со хартија за печење. Се пече во загреана рерна на 200 °C околу 15–20 минути, додека убаво да зарумени.

Испечената кора се остава целосно да се излади, потоа се сече по должина на половина, а секоја половина дополнително се сече по ширина, така што се добиваат вкупно 4 тенки кори.

Подготовка на филот:
Млекото се става да проврие, па со него се попаруваат 250 г мелени ореви. Се остава да се излади целосно.

Маргаринот се мати со шеќерот во прав додека да се добие мазен крем, па се додаваат изладените попарени ореви и се матат заедно сè до хомогена смеса.

Посебно се мати шлагот со газираната вода, потоа се додава сокот од еден лимон и се промешува. Се издвојува мала количина шлаг за декорација, а остатокот се додава во филот од ореви и убаво се соединува.

Филање на тортата:
Се зема првата кора и се премачкува со дебел слој фил, се става втората кора, повторно се премачкува и така се редат сите четири кори.

Последната кора и страните на тортата исто така се премачкуваат со фил. Во издвоениот шлаг се додаваат две полни лажици нутела, се промешува и со него се украсува врвот на тортата по желба.

Тортата се остава во фрижидер најмалку 4–5 часа (најдобро преку ноќ) за да се стегне и вкусовите убаво да се спојат.

Пријатно уживање!