Home Посно јадење Посни полнети суви пиперки, прсти да излижеш! Топлина и богат вкус на...

Посни полнети суви пиперки, прсти да излижеш! Топлина и богат вкус на трпезата…

Посни полнети суви пиперки

Полнетите суви пиперки се традиционално јадење кое носи топлина и богат вкус на трпезата, особено во постите или за оние кои преферираат лесни, зеленчукови оброци.

Овој рецепт комбинира едноставни состојки со длабоки ароми, создавајќи совршена рамнотежа меѓу текстурата на пиперките и богатството на филот.

Подготвени со љубов, овие пиперки се идеални за семејни собири или празнични пригоди, пишува НМД. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:

– 20 суви пиперки
– 1 главица кромид, ситно исечкана
– 3 моркови, рендани
– 3 компири, рендани
– 2 чешниња лук, ситно исечкани или рендани
– 300 г печурки, ситно исечкани
– 100 мл (1/2 чаша од 200 мл) ориз, варен
– 200 мл доматен сок
– 300 мл вода
– 3 лажици масло
– 2 лажици брашно
– 1 лажичка сол
– 1 лажичка вегета (сув зачин)
– 1/2 лажичка црн пипер
– 1 лажица ситно исечкан свеж или сув магдонос
– НМД

Постапка:

1. Сувите пиперки прелијте ги со врела вода и оставете ги да отстојат 15-20 минути за да се хидрираат, омекнат и набабрат. Потоа, исцедете ја водата и оставете ги настрана.

2. Оризот сварете го во вода со малку сол, исцедете го и оставете го да се олади.

3. Во длабок сад на средна температура загрејте го маслото и пропржете го ситно исечканиот кромид додека да омекне и добие стаклеста текстура.

4. Додајте ги ситно исечканите печурки и динстајте додека да испари вишокот течност од нив.

5. Додајте го ренданиот лук, промешајте и продолжете со динстање уште една минута.

6. Вклучете ги ренданите моркови и динстајте неколку минути додека да омекнат.

7. Додајте ги ренданите компири, зачинете со сол и црн пипер по вкус, па промешајте. Гответе кратко, околу 2-3 минути, додека состојките да се соединат.

8. Во смесата додајте го варениот ориз и вегетата, па внимателно промешајте за да се изедначат вкусовите. Филот е готов.

9. Со подготвениот фил наполнете ги пиперките. Остатокот од филот рамномерно распоредете го на дното на длабока тепсија.

10. Врвот на секоја пиперка лесно потопете го во брашно за да се затвори филот и да не истекува при печењето. Наредете ги пиперките во тепсијата врз слојот од филот.

11. Доматниот сок измешајте го со водата и прелијте ги пиперките.

12. Покријте ја тепсијата со алуминиумска фолија и ставете ја во загреана рерна на 200 °C.

Печете 30 минути, а потоа отстранете ја фолијата и продолжете со печење уште 30 минути или додека вишокот течност да испари, а пиперките добијат златнокафеава боја.

13. Пред сервирање, посипете ги пиперките со ситно исечкан магдонос.

Ова јадење е највкусно кога е топло, сервирано со свеж леб или салата по избор. Добар апетит! Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ: