Фото и рецепт: Елена Мишкова

Ова е едно дамнешно јадење што баба ми ни го правеше, а јас се врткав околу неа додека го приготвуваше, зошто миризбата многу ме привлекуваше и сакав да научам како се прави.

Се сеќавам на името чалбур и на основната подготовка од брашно, црвен пипер, вода и јајце. После толку изминати години го почувствував повторно тој неодолив мирис, а вкусот беше посебен.

Потребни состојки за едно јајце:

(количината е одокативна, вие зголемете ја според вашите потреби)

1 јајце

1 мала лажичка брашно

Малку масло

¼ лажичка црвен пипер

150 мл вода

Сув зачин, црн пипер и сол по вкус, ситно сечкан магдонос

1 чешне лук ситно сечкано

Фото и рецепт: Елена Мишкова

Подготовка:

Бројот на јајца, зависно од членовите и нивната желба. За едно јајце, една кафена лажичка брашно се запржува на малку масло, се додава ¼ лажичка црвен пипер, се пропржува па се додава 150 мл вода, се меша и се чека да зоврие.

Се додава мешан сув зачин, едно ситно сечкано чешне лук, мелен црн пипер и сол по желба, па се промешува.

Се крши јајцето и се спушта во кашичката, па врие на потивко додека јајцето да се свари.

Се сервира во чинија и се наросува со сечкан магдонос.

Фото и рецепт: Елена Мишкова

Од Македонска кујна, некогаш и денес