Ретко ги правам ваквите „измати и испечи“ колачи и кога правам тоа мора да биде некој сочен колач, мора да има некој прелив – залив, нешто…
Овој колач е навистина нешто супер за кога „ќе ви падне шеќерот“ зошто за половина час е готов и можете да си штипкате и кинете од него уште додека е топол…
Потребни состојки:
3 јајца
1 шолја јогурт (шолја = 250 мл)
1 шолја шеќер
2 шолји брашно
150 мл масло
2-3 полни лажици какао
100 г суво грозје
3 лажици џем
50 г блендирани ореви, да не се целосно сомелени, туку како сечкани
½ прашок за печиво (5 г)
За прелив:
200 г чоколадо по избор
5 лажици масло
100 мл млеко
Постапка:
Брзо се прави затоа што прво ја вклучувате рерната да се загрее на 220 степени. Во еден сад ставете ги јајцата, шеќерот, маслото и јогуртот, па добро изматете со жица, миксер не ви е потребен, но ако ви е полесно – матете со него.
Додадете брашно, прашок за печиво, какао и џем, па повторно се’ изматете, на крај додадете суво грозје и ореви, па промешајте.
Калапот (јас печев во огноотпорен) доволно е само со четка да се намасти со малку масло, да се излее смесата и да се стави на печење. Ако печете во лимена тепсија, тогаш намастете ја и набрашнете ја.
Кога ќе ставите колачот да се пече, намалете на 200-180 степени, зависи од рерната. Додека колачот се пече на умерен оган, ставете го чоколадото, шеќерот и маслото на тивок оган да се растопат. Смесата треба да е ретка (ако е густа како јогурт, слободно додадете уште малку јогурт).
Печениот колач (околу 25-30 минути) исечете го на коцки и прелијте го со чоколадото.
Ако не сте сигурни дека е печен, боцнете во средината до крај со чепкалка, па ако излезе сува – готов е.
Исклучете ја рерната и оставете го така уште 5-10 минути. Извадете, почекајте да излади (ако сте трпеливи), па можете да го јадете!