Ова се највкусните посни колачи, многу едноставни, а пивото им дава ровкост и фина арома… Се приготвуваат многу лесно и не можете да ги погрешите.

Потребни состојки:

1 шолја од 200 мл пиво

2 шолји масло

Брашно по потреба (околу 500-600г)

1 прашок за печиво

За сируп:

2 шолји (250 мл) шеќер

1 шолја вода

Малку лимонов сок

Мармалада

Ореви или бадеми

За валкање: 150 г кокос или мелени ореви

Постапка:

Малку брашно ставете на дното од садот. Ставете пиво, масло и малку промешајте со дрвена лажица, па додадете го прашокот за печиво. Додадете уште брашно така да добиете средно меко тесто.

Нека отстои 15 минути, па расукајте кора и со тркалезен калап вадете од тестото.

На секоја пиварка ставете малку мармалад и некоја јатка од орев или бадем, лешник… па затворете од сите страни. Наредете за печење. Се пече на 200 степеним, не премногу долго.

За време на печењето ставете вода и шеќер да зовријат па тргнете на страна.

Печените колачи уште додека се топли (но не и врели) ставете ги во сирупот, завртете ги од едната, па од другата страна. Вадејќи ги од сирупот веднаш валкајте ги во кокос.