Драги мои, ова е мој колач, толку многу е вкусен и сочен, што е греота е да не го пробате – уживајте!
Потребни состојки за 2 кори:
10 јајца
10 лажици шеќер
3 лажици какао – за кафеавата кора
1 прашок за печиво
200 мл масло
200 мл јогурт
10 лажици брашно
за фил:
200 г густин
1 ванилин шеќер или лажичка екстракт од ванила
100 г бело чоколадо
1 маргарин / путер (250 г)
200 г шеќер во прав
1 литар млеко
за фил2:
1,5 чаша (од 200 мл) шеќер (300г)
3 чаши вода (600 мл)
500 г боровинки или друго овошје
120 г пудинг од јагода или ванила (3 кесички)
За глазура: направете чоколадна глазура по ваш избор (со 400 г чоколадо и малку масло или хопла)
Постапка:
За кора: изматете 5 белки, додадете 5 лажици шеќер, 5 жолчки и натаму добро изматете. Додадете 5 лажици брашно, половина прашок за печиво, 100 мл масло и 100 мл јогурт, па испечете кора во плех со величина 30х40 см.
Истото повторете го за втората кора, само додадете 3 лажици какао за да добиете темна кора.
Крем: Од еден литар млеко одземете 200 мл и разматете со 200 г густин и малку екстракт од ванила, а во остатокот од млекото искршете 100 г бело чоколадо и кога ќе започне да врие сварете како за пудинг и оставете да излади.
Путерот пенасто изматете го со 200 г шеќер во прав и соединете го со изладениот крем.
За крем од овошје: Во една шерпа ставете 300 г шеќер и 400 мл вода да врие, па додадете овошје и оставете 4 минути да се вари.
Посебно разматете 3 пудинзи од јагода во 200 мл вода. Пудингот сварете го во готвеното овошје. Оставете да излади.
Редослед: жолта кора – овошен фил – бел крем – црна кора – бел крем и на крај глазура од 400 г чоколадо.